за

Skoda ги објави чешките цени за новата Fabia

Чешката марка на Volkswagen имаше една од најзначајните премиери на салонот во Париз. Веднаш по премиерата стартува и продажбата, со пријатно изненадување. Цените на новата Fabia се променети незначително.

Понудата во гамата на новата Skoda Fabia почнува со моделската изведба со мотор 1.0 MPI со 60 КС, којашто во основното ниво на опрема Active чини 8.550 евра. Во стандардното ниво на опременост на овој модел спаѓа комплетен пакет од активни системи за безбедност, почнувајќи од контрола на стабилност и помош при поаѓање на нагорнина, преку електронска блокада на диференцијал до мултиколизиска сопирачка, како новитет во арсеналот за заштита при незгода. Во земјите во ЕУ од годинава се пропишува и стандардно вградување на систем за предупредување при губење притисок во пневматиците, кај новите генерации на модели.

На тоа се надоврзуваат пасивните системи, со фронтални воздушни перници, вклучувајќи исклучување на совозачката перница, странични воздушни перници напред и воздушни перници за глава, како и 2 држача за детско седиште назад. Стандардната опрема за чешкиот пазар вклучува уште кит за поправка на гума, висинско местење на возачко седиште, поделена задна клупа, систем старт-стоп, централна брава, филтер за полен, подготовка за радио со 4 звучници и по две светла за читање напред и назад. Основното ниво е достапно уште со моторите 1.0 MPI со 75 КС (9.204 евра). 1.2 TSI со 90 КС (9.790 евра) и 1.4 TDI со 90 КС (11.750 евра).

Сите мотори во Fabia се комбинираат со средното ниво на опрема Ambition, коешто за околу 510 евра доаѓа дополнително опремено со ограничувач на брзина, предупредување при опасност од судир со самостојно запирање во критична ситуација, сирена со два тона, челични бандажи од 15 инчи место 14 инчи, магленки, рачки на врати и ретровизори лакирани во боја на каросерија, црно-сива изведба на кабина со декоративни лајсни Light Brushed, хромирани детали на каросерија, патен компјутер, електрика и греење на ретровизори, електрика на предни прозорци, далечинско ракување за централната брава со два преклопливи клуча место еден клуч, џебови во предните седишта и радио Blues со поврзување со iPhone. Покрај спомнатите мотори, од ова ниво се веќе достапни и 1.2 TSI со 110 КС за 10.805 евра и 1.4 TDI со 105 КС за 12.990 евра.

За дополнителни 840 евра над средното ниво следува и највисокото ниво на опрема Style, почнувајќи од 10.550 евра за 1.0 MPI со 75 КС, до 13.825 евра за 1.4 TDI со 105 КС. Во врвното ниво следуваат автоматика на светла, диодни дневни светла, можност за избор меѓу неколку изведби на бојата и изгледот на декоративните лајсни во кокпитот, кожа на волан и на рачка на менувач, висинско местење на совозачко седиште, патен компјутер со поголем дисплеј, електрика на задни прозорци, стартување без клуч, автоматски клима уред, паркинг сензори назад, патосници и радио Swing со поврзување со iPhone.

На тоа се надоврзува и богат список на дополнителна опрема, со многу нови ставки, како и акциска понуда од специјално скроени пакети во воведниот период од продажбата на Fabia, со важност за чешкиот пазар. Податоците за цените и почетокот на продажбата на новата Skoda Fabia на македонскиот пазар следуваат наскоро, Порше Македонија веќе ја најави новата генерација на моделот на домашната интернет страница на марката Skoda.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Автомобили што не се забораваат: Alfa Romeo 155 Q4

Fiat размислува за верзија Abarth од новиот 500X