Обновувањето на моделската гама придонесе за значителен раст во продажбата на Skoda. Плусот во јули е дури 18,8%. Но, најважните модели штотуку претстојат.
Чешката марка во последните 18 месеци ги лансираше третата генерација на Octavia и новиот Rapid, на европскиот и на кинескиот пазар. Во јули, Octaviaпостигна продажба од 29.600 примероци, односно 7,3% повеќе отколку во ланскиот јули, додека Rapid најде 19.400 нови купувачи – што претставува раст од 156,9 проценти! Не заостанува ниту освежената генерација на кросоверот Yeti, чијашто продажба порасна за 59,4 проценти, во дел поради воведувањето на новиот модел, но многу повеќе поради почетокот на продажбата на кинескиот пазар.
На салонот во Париз во октомври следува премиера на моделот којшто ќе ја качи продажбата на марката на рекордни вредности. Чесите конечно ќе ја пуштат третата генерација на Fabia, од којашто се очекува многу. Шефовите дури отсега размислуваат да ги прошират производствените капацитети во Млада Болеслава, имајќи ги во предвид поволните услови за новиот модел. Брзо по Fabia ќе дојде уште еден стратешки важен модел за зацврснувањето на новиот имиџ на Skoda– знаменосецот Superb, во неговата трета генерација.
По него ќе следува и третиот нов модел, во комплетно нов сегмент за марката, но не и за пазарот. Во 2016 година ќе биде претставен голем теренец во класата на Touareg, којшто ќе биде достапен и во верзија со седум седишта. Skodaочекува моделот да се продава во 150.000 до 200.000 примероци годишно. Според процените на пазарните аналитичари, Skoda веќе годинава ќе ја надмине продукцијата од еден милион примероци, што би претставувало пораст од 12,4 проценти во споредба со лани. Аналитичарите сепак се скептични дека Skoda ќе успее да го достигне планираниот 1,5 милион примероци до 2018 година.
















