Тролејбусите веќе со децении се дел од секојдневието во многу градови низ светот. Гигантот Siemens има нова идеја – жичници да се постават по автопатиштата во САД, за погон на камиони.
Гигантот во електроиндустријата Siemens уште пред две години спроведе тест проект во којшто покри дел од автопатот во близина на Берлин со жичници, од кои што камионите преку „трола“ се снабдуваа со струја за погон. Следниот проект ќе биде со многу поголем обем, на тест патека во Карсон, во близина на Лос Анџелес. Четири камиони со вградена трола од средината на 2015 година ќе започнат едногодишен тест проект, којшто има за цел да се утврди какво влијание ќе има преоѓањето на погон на струја врз еколошката состојба во регионот. Камионите поседуваат хибриден погон и при излегување од патиштата што се опфатени во проектот ќе можат да користат класично гориво.
Пристаништата во Лос Анџелес и Лонг Бич се во потрага по соодветен систем за транспорт без емисија на издувни гасови, на делница во должина од околу 30 километри. Обете пристаништа се наоѓаат во близина на тест-патеката на одредена делница од автопатот. Според Siemens, нивниот систем е совршен за покривање на вакви куси делници на коишто е потребно да се намали емисијата на штетни гасови од возилата со конвенционален погон.
Во 2012 година, Siemens покри делница во должина од 1,2 километар на автопатот северно од Берлин со систем за снабдување со струја преку троли, во рамките на проектот eHighway. Идејата во возилата да се вгради електромотор и истите да се движат по пример сличен со возовите воопшто не е нова. Градските автобуси во Швајцарија, Италија и Франција претежно го користат системот со трола, односно функционираат како тролејбуси. Во Скопје исто така неколку пати се спомнуваше идејата за воведување на тролејбуси, но нејзината реализација е многу далеку.
















