за

Seat Leon Cupra се мести за трка со 280 КС

Спортската изведба на Leon е новата гордост на Seat. Моторот со 280 КС не е сам во задачата да го оправда името Cupra. Противниците подобро да се откажат во старт.

Доаѓа најсилниот, најбрзиот и „најнормалниот“ сериски Seat на сите времиња. Спортскиот компакт за секој ден, како што го нарекуваат Шпанците, во последното издание вози со 280 КС и за прв пат се нуди и во каросерија со три врати.

Брзиот Leon го откриваат големите отвори за воздух напред и решетката со структура на саќе, со задача да ги снабдат моторот и сопирачките со доволно свеж воздух. Познавачите веднаш ќе ги воочат и петте тесни отвори над регистерската табличка, како еден од традиционалните белези на Cupra. Назад црнее задолжителниот дифузор под браникот, во друштво со овалните завршетоци на двојниот издув – не е козметика, две засебни цевки водат од издувната гранка до крај.

Диодни светла во стандарден пакет

Leon Cupra стандардно доаѓа со целосно диодни светла, со мала потрошувачка на струја, долг век и со температура на боја од 5.500 келвини што е најблиска до дневната светлина. Задните светла исто така користат светлечки диоди. Ексклузивни за Cupra се и алу-бандажите, зад коишто се наѕираат црвените сопирачки клешти. На крај, топ моделот се препознава и по странични задни стакла. Посилната верзија Cupra 280 дополнително се распознава по уникатните бандажи од 19 инчи во две нијанси на титаниум, по задниот спојлер, црните куќишта на ретровизорите и по натписот Cupra на клештите.

Кога работи Cupra внатре се црвенее како во пекол

Внатре следуваат специјален волан Cupra со зарамнет долен дел, обложен со пефорирана кожа и со рачки за менувачот DSG, достапни како опција. Спортските седишта се обложени со алкантара во темно сина боја и бела опшивка. Со доплата се достапни и полутркачки школки со исклучителна странична поддршка. Амбиенталното осветлување со светлечки диоди е следното обележје на Cupra. Диодите преоѓаат од бело во црвено ако возачот го активира спортскиот модус.

5,7 секунди до темпо сто и крајна брзина 250 km/h

Суштината на Cupra сепак е во металот. Верзијата со три врати, што се нуди прв пат во гамата на Leon, не тежи ниту 1.300 килограми и е меѓу најлесните спортски модели во компакт класата. Тоа само дополнително му ја олеснува работата на дволитарскиот бензинец со турбонатполнење и директно впрскување на горивото. Cupra 280 во комбинација со менувач DSG забрзува до сто за 5,7 секунди. Никој друг Seat не е толку брз. Дури, Cupra 280 е толку брза што крајната брзина е ограничена на 250 km/h. Во целото подрачје меѓу 1.750 и 5.600 вртежи, моторот константно пумпа вртежен момент од 350 њутнметри, што е доволно да повлече уште три „купри“ зад себе. Верзијата со 265 КС и исто така 350 њутнметри заостанува само две десетинки во спринтот. За потрошувачката, Шпанците наведуваат 6,6 литри во верзија со мануелен менувач и карорсерија со пет врати.

Генератор на звук во издувот

Cupra Drive Profile доаѓа стандардно. Кога е активиран модот Cupra, моторот реагира уште поагилно, а при повисоки вртежи се отвора и генераторот на звук во издувниот систем, што прави звучното доживување да биде единствено. Во исто време, двете балансирачки вратила го смируваат моторот и го намалуваат нивото на вибрации.

Турбината компримира 765.000 литри воздух во еден час

Турбополначот од новата генерација произведува максимално 1,1 бар, а неговата работа најдобро ја прикажува податокот дека тој компримира 900 килограми воздух, односно 765.000 литри во еден час. Моторот 2.0 TSI исто така има претрпено промени, меѓу кои е дополнителното индиректно впрскување гориво, како дополнување на директното впрскување при послабо оптоварување. Второво работи под 200 бари и користи поголеми инјектори со по шест отвори. Брегастото вратило на вшмукувачките вентили го менува аголот за најмногу 60 степени во однос на коленастото вратило, додека вратилото на издувните вентили за 30 степени. Дополнително, првово брегасто вратило предвидува и две различни должини на отворање на вентилите.

Првите пет степени се куси за трка, последниот продолжен за на автопат

Менувачот стандардно е шестстепен мануелен, односно со доплата DSG, со двојна спојка и шест степени на пренос – во обата случаи, првите пет степени се скусени, а последниот е продолжен заради поголема штедливост на автопат. Целата возбуда во ознаката Cupra кулминира дури преку спортското подвозје. Активното подвозје, блокадата на диференцијалот и прогресивното управување се стандард. Блокадата на диференцијалот ќе заврши најмногу работа. Системот се активира хидраулично, а се контролира електронски, со максимална сила на затворање од 1.600 њутнметри и можност во екстремни услови до 100 проценти од вртежниот момент да се пренесат на само едно тркало.

Leon Cupra и Cupra 280 во обете каросериски изведби ќе имаат светска премиера на салонот во Женева, кој почнува на 6-ти март.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Toyota, Ford и GM си заминуваат од Австралија

14,4 милиони долари плата за шефицата на General Motors