за

Seat Arona на метан вози 100 km за 150 денари

Seart Arona 1.0 TGI metan
Seart Arona 1.0 TGI metan

Toyota има хибриди, Renault електромобили, а Seat автомобили на метан. Малечкиот СУВ е достапен во изведба со погон што за многумина е „новиот дизел“, со моќност од 90 КС и со потрошувачка од 3,5 литри CNG или метан на сто километри.

Кога се зборува за чист и ефикасен погон, денес прво се помислува на хибриди или на чисто електрични автомобили. Покрај тоа што овие возила помалку ја загадуваат животната средина, во денешниот градски метеж е добредојдена и нивната смалена бучава при возење. Но, сите држави и сите национални економии и животни стандарди не можат да го следат темпото на електромобилноста, како шампионот Норвешка. Сепак постои решение да се зачува квалитетот на воздухот и на урбаниот живот, и тоа уште долги децении наназад.

Метанот или кусо CNG (Compressed Natural Gas = природен гас под притисок), особено е популарен во Италија. Тоа има долги корени, уште од 1930-те години, кога гасот почнува да се користи во земјата како алтернатива за бензинот.

New item by Automedia MK / Google Photos

Бројни и познати се предностите, а меѓу нив се главни: Емисијата на СО2 се смалува за 25% при возење на метан, трошоците за гориво се смалуваат најмалку трикратно. И покрај тоа, метанот кај нас никогаш не ја достигна популарноста на автоплинот. Основната причина беше во тоа што отсуствуваа станици што го точат горивото.

Мрежата од станици уште е симболична и се брои на една рака, но Макпетрол веќе работи на проширување на мрежата, и според неофицијални најави од компанијата, може да се очекува метанот во блиска иднина да биде застапен исто како автоплинот. Патем, и пробивањето на автоплинот пред околу две децении е нивна заслуга.

Метанот е особено погоден за заштита од загадување од сообраќајот, затоа што емисијата на азотни оксиди и неразградливи честички (PM) е драстично пониска отколку кај обичните горива. Во услови на екстремна загаденост на воздухот во повеќето македонски градови со обемен сообраќај, преоѓањето на метан може да биде вистинско решение. Тоа важи особено ако се земе предвид дека уред за погон на метан може да се вгради и во постарите возила.

Бројот на возила што користат метан како погонско гориво во Италија надминува еден милион

Концернот Volkswagen неколку години наназад вложува во автомобили на метан и воопшто во популаризација на чистото и евтино гориво. Посебно се издвојува Seat. Околу 1.000 инженери работат во фабриката во близина на Барселона на развој на оваа погонска техника. Ibiza и Leon со погон на метан веќе извесно време се наоѓаат во продажба, а сега следи и популарен СУВ-модел во верзија TGI.

New item by Automedia MK / Google Photos

Seat Arona 1.0 TGI е прв СУВ со погон на метан во светот. Еднолитарскиот трицилиндарец постигнува 90 КС и овозможува перформанси што не се разликуваат од обичните верзии. Истото важи и за трошоците за одржување на малечкиот СУВ. Продажбата уште го нема постигнато целосниот потенцијал, но интересот расте. Најмногу корист од смалените трошоци за гориво може да имаат компаниите со голем возен парк, на пример во достава на пратки.

За трите боци за CNG со вкупна зафатнина од 13,8 килограми да се наполнат целосно, потребни се 580 денари (1 kg метан = 42,0 денари), блиску до фамозното „полнење за петсто денари“. Тоа е доволно за 360 километри. За споредба, за 360 километри да се минат со бензинец со просечни 7,0 L/100 km, сметката ќе изнесува 1.790 денари (1 kg Ultra 95+ Econ. = 71,0 денари).

Со 1.000 евра доплата за модел со погон на метан, при разлика од 336 денари во цената за гориво за секои сто километри пат според нашиот пример, доплатата би се вратила по само 18.000 километри или нешто помалку од две години, при просечна годишна километража од 10.000 километри!

New item by Automedia MK / Google Photos

Шпанскиот СУВ со иста основа со VW T-Roc и Skoda Kamiq, поседува и резервоар за девет литри бензин. Со него, досегот се зголемува на 500 километри. Не постојат разлики во надворешниот или внатрешниот изглед во споредба со верзијата со обичен мотор, исто како и во опремата. Затоа има разлика во возењето, поради значително намалена работна бучава од моторот, при согорувањето на метанот.

Уште една еко-предност на гасот е тоа што може да се добива и од обновливи извори, односно ако таканаречен биометан. Мрежата од станици што нудат метан на територијата на Европа брои околу 3.600 локации

Seat ја нуди „метанската“ Arona во три нивоа на опрема. Според германскиот ценовник, Arona TGI во нивото Style чини 19.820 евра. Над неа се Xcellence и спортското FR, обете нивоа со цена од 21.820 евра. За споредба, Arona 1.0 TSI Style со класичен погон на бензин чини 18.820 евра, што значи дека доплатата за метанот изнесува точно 1.000 евра за купувачите во Германија. Во ценовникот на Порше Македонија (или на кој било друг увозник) не фигурира изведбата со погон на метан. Со класичен бензинец со 95 КС и ниво Reference, малечкиот СУВ кај нас чини 15.804 евра во редновниот ценовник.

Технички податоци · Seat Arona 1.0 TGI

  • Должина x Ширина x Висина (m): 4,14 x 1,78 x 1,55
  • Меѓуоскино растојание (m): 2,57
  • Мотор 3 цилиндри, бензинец (приспособен за метан), 999 ccm, турбо, директно впрскување
  • Моќност 66 kW / 90 КС
  • Вртежен момент 160 Nm при 1900 до 3500/min
  • Крајна брзина 177 km/h
  • Резервоар 13,8 kg (200 bar), 9 литри бензин
  • Просечна потрошувачка: 3,5 kg метан на 100 km
  • Празно возило/Носивост: 1308 kg / 477 kg
  • Емисија на CO2: 98 g/km (Euro 6)
  • Багажник: 282–1162 L
  • Цена (во Германија): 19.820 евра

Seat тестира погон со метан од отпадот од Барселона

Skoda Kamiq скроен по мера и со опција за метан

Четири пумпи имаме, фали уште Skoda Citigo на метан

Расте продажбата на автомобили со погон на метан

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Toyota Corolla 12T test automedia

Топ 25 модели во април: Toyota Corolla со +25% во продажбата

кригер и џече на потпишување на драјвнау

Кригер на местото на Цече за вице на германските автопроизводители