за

Seat го има најубавото комби во класата

За прв пат во историјата Seat има комби во компакт класата. Како за прво, Шпанците се убедени дека Leon ST е најубав во класата, но и не се далеку од вистината.

Комбито во гамата на Leon ќе доживее премиера на салонот во Франкфурт во септември и во традицијата на куќата ќе ја носи додавката ST, покрај комби изведбите на Ibiza и Exeo. Компактот ги соединува динамичниот дизајн и спортската возливост на неговиот брат со високо ниво на практичност. На тој начин, третиот член во семејството на Leon докажува дека спортската нота и практичноста не мора да си противречат. Во стандардна конфигурација, багажникот има зафатнина од 587 литри, односно 1.470 литри со соборена клупа.

seatleon st 4

Новитет во комбито е радарскиот темпомат, кој автоматски го следи темпото на возилото напред, како и приспособливата амортизација DCC. Возните својства можат да се искачат уште едно ниво погоре со опционалниот пакет за динамика, кој покрај DCC опфаќа и прогресивно управување.

seatleon st 6

Сите мотори во гамата на Leon ST имаат турбонатполнење и директно впрскување на горивото, почнувајќи од 1,2-литарскиот бензинец со 86 КС до дволитарскиот TDI со 184 КС. Штедливоста беше една од главните развојни цели за моделот и меѓу другото таа е постигната и со лесната конструкција на каросеријата. Во најлесната изведба компактниот ST тежи 1.233 килограми, односно 45 килограми повеќе од комбилимузината – Leon ST е најлесно комби во класата.

seatleon st 1

Практичноста е неодделива од концептот на шпанското комби. Задната клупа се соборува и од багажникот, а двојниот под на багажникот обезбедува уредност и воедно го олеснува товарањето. За предмети подолги од два метри се соборува и совозачкото седиште.

Опашот на комбито е за 27 сантиметри подолг во споредба со комбилимузината и со рамното задно стакло, со меко заоблениот покрив и со мускулестите крила добива впечатлива динамична нота. При доплата за предни светла со светлечки диоди, истата технологија на осветлување се добива и за задните светла.

Понудата на мотори кај Sports Tourer е идентична со Leon и Leon SC. Моторот 1.2 TSI е достапен во верзија со моќност од 86 или 105 КС, при што посилниот мотор, во комбинација со старт-стоп и повраток на енергија при сопирање троши во просек 4,9 литри бензин на сто километри. Над тоа следуваат моторите 1.4 TSI со 122 и 140 КС, додека врвот на бензинската понуда е резервиран за Leon ST FR со 180 КС од 1,8-литарскиот TSI. Дизелите стартуваат со 90 КС во 1.6 TDI, потоа следува 2.0 TDI со 150 КС, и на врвот, изведбата FR со 184 КС.

seatleon st 3

Приспособливото подвозје има три различни модуси, кои што се избираат преку Seat Drive Profile: Спортски, комфорен и штедлив модус. Ексклузивно кај FR е достапна верзија на приспособливото подвозје во комбинација со прогресивно управување, кое од една страна го олеснува паркирањето, со помалку вртежи, а од друга страна го прави управувањето подиректно при возење по кривулести патишта.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Тест • Ford Fiesta 1.4i Titanium

jaguar xs auto express

Jaguar подготвува конкурент за серијата 3 на BMW