за

Jaguar подготвува конкурент за серијата 3 на BMW

jaguar xs auto express

Сопственикот Tata негодува за тоа што продажбата на Jaguar не оди толку добро како на Land Rover. Решението треба да го понуди нов модел од средна класа, веројатно со каросерија од алуминиум.

Според магазинот Auto Express, марката со дивата мачка во сопственост на индиската Tata Motors ќе ја проширува понудата со модел од средната класа во лимузинска и комби изведба, како и со спортски теренец на истата платформа. Огромната инвестиција во нови модели е неопходна за Jaguar да ја задржи профитабилноста. Продажбата на новите модели се очекува да стартува во втората половина од 2015 година, како конкуренти на серијата 3 на BMW, класата C на Mercedes и Audi A4.

Инвестицијата во Jaguar ќе се компензира со растечката продажба и соодветниот профит од сестринската марка Land Rover. Според бројките од продажбата, Jaguar не достигнува ниту половина од продажбата на теренската марка. Меѓу другото, инвеститорите очекуваат зголемување на моделската понуда, покрај фактот што моделите од почетокот на понудата Land Rover Freelander и Range Rover Evoque моментно се најпродавани модели на компанијата.

Новите модели на Jaguar, веројатно под ознаката XS, ќе се произведуваат на старите производствени линии на Land Rover во Солихал, во Централна Англија. Голема е веројатноста дека конкурентот на тројката на BMW ќе има каросерија целосно изработена од алуминиум, по пример на престижниот Jaguar XJ. Минатата година компанијата потпиша договор со фирма од Саудиска Арабија за набавка на алуминиум од еден од најголемите светски производители на лесниот метал. Оваа инвестиција е дел од планот на Jaguar Land Rover, во следните четири години да се вложуваат по 4 милијарди долари во развој на нови модели и изградба на нови фабрики секоја година.

Продажбата на Jaguar Land Rover во првата половина од годинава се зголеми за 14 проценти на вкупно 210.190 возила, првенствено поради големиот раст во продажбата во Кина. На Jaguar отпаѓаат само 20 проценти од продажбата. Официјална потврда за стартот на новата моделска гама ќе следува на салонот во Франкфурт, во септември.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Seat го има најубавото комби во класата

Новата Honda Accord стартуваше со продажба во Јапонија