за ,

Saab 9-3: Шведскиот кабриолет што беше посилен и од турбото

Само едно нешто во историјата на Saab успеало да изгради посилен имиџ од моторите со турбонатполнење на шведската марка. Кабриолетите на Saab. Во комбинација со турбо мотор, секако. Куса историја на кабриолетите од студениот Север.

Кабриолетот на Швеѓаните сосема неочекувано прерасна во најголемиот култ на најнепрежалената марка во автомобилската историја, по турбо-моделите. Намерата на Saab со претставувањето на отворената каросериска изведба во 1985 година беше да се подосвежи имиџот на во меѓувреме подзастарената серија „900“. Но, шведската марка направи еден генијален потег што ја одушеви целата сцена – првиот кабриолет од Тролхетен се појави без грдиот заштитен лак, што правеше останатите семејни кабриолети од тоа време да изгледаат како кошница за на пазар.

saab 900 9-3-cabrio-ist 34Saab 900 Cabriolet прерасна во бестселер, наследувајќи ги сите квалитети од стандардните модели од серијата 900. Шведскиот кабриолет беше изработен за ништо да не може да го уништи, патниците исто така ја добиваа максималната безбедносна заштита според тогашните стандарди, турбо-моторите и натаму си работеа беспрекорно, а на крајот, како круна на успехот, платнениот покрив беше отпорен на сите атмосферски влијанија. На тој начин, кабриолетот од Северот се претвори во најпосакуваниот превоз за уживање на топло сонце – и за „преживување“ среде снежната сезона.

Купувачите беа подготвени да чекаат по пет години за кабриолетот

Ниту астрономските цени, ниту долгите рокови за испорака не ги поколебаа купувачите да застанат во ред за првиот Saab 900 Cabriolet пред повеќе од три децении. Првичната замисла беше кабриолетот да им се понуди на ентузијастите на шведската марка, како специјална серија ограничена на само 400 примероци. „Скромната“ замисла се претвори во глобален хит. Од трите моделски генерации на кабриолетот на Saab се продадоа над 270.000 примероци. Кабриолетот од Северот стекна култен статус, на исто рамниште со турбо моторите на Saab.

saab 900 9-3-cabrio-ist 35Нордијците почнаа да ја најавуваат идејата за кабриолет уште на салонот во Франкфурт во 1983 година, со прикажувањето на студијата на база на серијата 900. За првпат по повеќе децении, во сегментот на премиум марките се наѕираше враќањето на кабриолетот во исконската форма, без грдиот заштитен лак. На проектот се работеше паралелно на две адреси. Каросеристот Лејф Мелберг во Никопинг изведе верзија со тогаш популарниот тарга-покрив, врз база на Saab 900 CombiCoupe, додека американската фирма ASC од другата страна на големата бара целосно го отвори „900“ и го претвори во вистински кабриолет со платнен покрив. На крајот, за прикажување на салонот во Франкфурт беше избрана втората варијанта.

Боб Синклер ја иницираше специјалната серија ограничена на 400 примероци

Конкуренцијата не можеше да си прости за одушевувањето што го предизвика Saab и се растрча да им контрира на оригиналните Швеѓани. Две години подоцна, на салонот во Франкфурт, BMW го претстави 325i Cabrio, а веднаш потоа се јави и Chrysler, со новиот Le Baron Convertible. Обата модела постигнаа фантастични бројки во продажбата. Кабриолетот на Saab мируваше цели две години по премиерата на студискиот автомобил во Франкфурт. Како што беше вообичаено во тоа време, повик од другата страна на океанот ја промени судбината на автомобилот.

saab 900 9-3-cabrio-ist 16На Боб Синклер, шефот на американската филијала на Saab, на паркиралиштето околу седиштето на фирмата во Њу Џерси му недостигаа големи семејни кабриолети, кои тогаш уживаа голема популарност на американскиот пазар. Синклер тогаш се присети на студијата на Saab од 1983 година и реши да го „создаде“ првиот премиум кабриолет од далечниот Север.

Следеше налог за изработка на 400 примероци од Saab 900 Cabriolet во каросериската фирма ASC. Тоа предизвика невиден бум во сегментот на кабриолетите. Кога првите кабриолети на Saab се појавија во продажните салони на преминот во 1986 година, ентузијастите што го пропуштија редот за четиристотините примероци од лимитираната серија, потпишуваа договори за испорака на возилото во 1989 или 1990 година, во надеж дека Викинзите кога тогаш ќе го вклучат 900 Cabriolet во редовната понуда од модели. Возилата неретко се препродаваа и по двојно повисока цена.

За една третина поскап од BMW 325i Cabriolet

Скандинавскиот автомобил со платнен покрив беше сé освен евтин. Saab 900 turbo 16 Cabriolet беше за цела третина поскап од BMW 325i Cabriolet. На периоди, отворениот Saab со впечатливата црна обвивка околу лежиштето за платнениот покрив учестуваше со половина во вкупната продажба на модели на марката на најголемите пазари во Европа. Во меѓувреме, Saab стана култен автомобил на ѕвездите и ѕвездичките во Холивуд и омилен избор на „јапијата“ од 1980-те години.

saab 900 9-3-cabrio-ist 25За разлика од конкурентите, трислојниот платнен покрив на Saab поседуваше заден прозорец од вистинско стакло, место од пластика. Со моќното греење на кабината, немаше проблеми кабриолетот да се вози во кој било дел од годината, па дури и со отворен покрив среде зимо. За триумфот на отворениот Saab да биде уште поубедлив, под хаубата работеше дволитарски турбо со 175 КС. Конкуренцијата беше немоќна против шведскиот кабриолет со исклучително цврста каросериска структура.

Производството почна во САД, се пресели во Финска, во Австрија, па во Шведска

Во периодот меѓу 1986 и 2003 година, кабриолетите на Saab пристигаа од фабриката на Valmet, во финскиот Усикаупунки. Откако Швеѓаните го претставија новиот Saab 9-3, задолжението за производство на кабриолетот во 2003 година го презеде австрискиот Magna Steyr, во својата фабрика во Грац. Производството се врати во домашниот Тролхетен дури откако се случи драстичен пад во продажбата на сите модели на Saab.

saab 900 9-3-cabrio-ist 18Втората генерација на серијата 900 пристигна во есента 1993. Кабриолетот се пензионираше веќе следната година, што познавачите го оценија како преуранет чекор, затоа што Saab во меѓувреме стана дел од концернот General Motors, па соодветно на тоа и моделот користеше платформа од Opel Vectra. Слоганите како „ние не го измисливме кабриолетот, но од него направивме Saab“ не сменија ништо во фактот што новиот четирисед во почетокот беше светлосни години далеку од квалитетот и издржливоста на неговиот претходник, кој и по 250.000 километри остануваше неуморен.

Втората генерација на Saab 900 не ги исполни очекувањата

Новиот Saab 900 имаше проблеми со погонската спрега, а и загревањето на кабината не ги исполни очекувањата на клиентите и трговците. Дури по неколку моделски освежувања и по конечното преименување на Saab 900 во Saab 9-3 во 1998 година, кабриолетот успеа да го врати некогашниот респект на уживателите во возењето на отворено. Втората генерација на шведскиот кабриолет сепак остана далеку од култот на претходникот, без разлика што моделот доби и мотор V6, прв дизел во модел на Saab, а и продажбата достигнуваше рекордни нивоа.

saab 900 9-3-cabrio-ist 33Третата генерација од 2003 година е таа што ќе го преземе култот, но само поради фактот што е последната генерација кабриолети од шведската марка, чијашто непроценлива историска вредност направи премногу играчи острана да се замешаат околу преземањето на Saab и на крајот да ја доведат марката во ситуација иста како кај британските марки со најбогата традиција. Во секој случај, автомобилот ќе биде запомнет по тоа што како прв кабриолет со платнен покрив има освоено максимални пет ѕвездички за безбедност, по силните турбо мотори и по препознатливата форма што се повикува на историските модели од Тролхетен.

Каков култ во меѓувреме уживаат кабриолетите на Saab, најдобро сведочи податокот дека примерок од ексклузивните серии на последниот 9-3, како Grifin или Independence, денес на пазарот вредат најмалку 50.000 евра, додека модели од првата серија од 1990-те години, моментно се ценат на околу 20.000 евра – со голем потенцијал за зголемување на вредноста.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Infiniti ќе им ја расипува забавата на Porsche Macan и BMW X3

Porsche отсега „произведува“ и пневматици за старите модели