за

Spectre е најаеродинамичниот Rolls-Royce во историјата

Rolls-Royce го претставува својот прв електричен автомобил, купето Spectre, како најаеродинамичен модел што ултралуксузната марка го има произведено до денес.

Rolls-Royce денес го симна велот од Spectre. Првите примероци од електричниот модел ќе им бидат испорачани на сопствениците кон завршетокот на следната година. Електричното купе минува 520 километри со полна батерија. За досегот во голема мера влијае и формата на каросеријата.

Првиот електричен автомобил од ултралуксузна марка доаѓа од Rolls-Royce, пред тоа да го сторат Bentley, Aston Martin и Ferrari. Според фината автомобилска куќа од Кру, електричниот погон совршено се надополнува со мисијата на марката, да се произведуваат брзи, тивки луксузни автомобили. Како што доликува за RR, Spectre не знае за компромис.

Директорот Торстен Милер Отвос своевремено изјави дека Spectre „прво е Rolls-Royce, а потоа е електричен автомобил“. Rolls-Royce ценовно го поставува новиот модел меѓу СУВ-крстосувачот Cullinan и иконската лимузина Phantom. Тоа значи дека цената ќе се движи околу 350.000 фунти, односно 400.000 евра.

Компанијата не објавува податоци околу големината на батеријата во Spectre, но наведе дека таа тежи 700 килограми. Од тоа може да се претпостави дека капацитетот надминува 100 kWh.

Скапоцениот Spectre празен тежи 2.975 килограми, а каросеријата е долга 5.453 милиметри. Батеријата е интегрирана во подвозјето. Rolls-Royce тврди дека со таква конструкција се постигнува за 30% повисока крутост на каросеријата, во споредба со модел со мотор со внатрешно согорување што би користел слична платформа.

Rolls-Royce кај новиот модел нуди уште повеќе површини што се изведени како „starlight“, односно ѕвезденото небо, освен на таванот ќе биде присутно и во вратите и во арматурната табла.

Електромоторот располага со моќност од 430 киловати, односно 585 КС, а способен е на тешкиот благороднички автомобил да му обезбеди спринт до темпо сто за 4,5 секунди

Spectre доаѓа на местото на купето Wraith. Возилото се базира врз истата алуминиумска „архитектура на луксузот“ што ја користат најновите модели на марката. Платформата е развиена во Rolls-Royce со план да се примени електричен погон, меѓутоа „дури сега технологијата на електричниот погон е доволно напредната за да биде на нивото на Rolls-Royce”, пишува во соопштението од британската марка.

Rolls-Royce го оптимираше секое подрачје на каросеријата, за да постигне коефициент на отпор 0.25Cd, со што Spectre е најаеродинамичниот модел што досега е произведен во Кру.

Оптимизацијата на аеродинамичноста секако дека ja опфати и прочуената „пантеонска“ маска нa Rolls-Royce, којашто кај Spectre е издолжена и помеко се слева со каросеријата. Дури и заштитниот знак, Емили, односно Spirit of Ecstasy, претпе оптимизација со цел отпорот на воздух да биде колку може понизок.

Покрај тоа што маската е поширока, предниот дел на Spectre се разликува од моделите на Rolls-Royce со мотор V12 и по повеќеделните светла. Дневните светла се поставени над соборените светла, коишто се затемнети, со цел да се втопат во каросеријата, кога не се вклучени. Компанијата вели дека со овој дизајн се нагласува ширината на каросеријата. Самата маска е осветлена со 22 диодни светилки.

Исто како кај Wraith Coupe, вратите се отвораат наназад

Spectre доаѓа и со нова дигитална архитектура, нормално именувана „Spirit“. Дел од таа целина е новата мобилна апликација, со којашто соптвениците ќе можат преку телефонот да се поврзат со својот автомобил. Апликацијата Whispers им овозможува на сопствениците да го менуваат изгледот на внатрешноста, на пример бојата на инструментите, а таа посредува и при добивање информации од „специјалистите за луксузно разузнавање“.

Rolls-Royce ги прогласи своите најдобри дилери во светот

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Тајвански Foxconn: Производителот на iPhone ги прикажа своите автомобили

Лимаро-фарбарскиот центар на Еуроимпекс прославува 15 години постоење