Rinspeed Etos вози сам и има дрон во багажникот

Автономните возила ќе бидат ѕвезди на претстојниот саем на потрошувачка електроника во Лас Вегас. Швајцарската фирма со егзотичните автомобили Rinspeed секако дека нема да отсуствува од овој технолошки собир во пустината.

На салонот на потрошувачка електроника во Лас Вегас, кој се одржува од 6-ти до 9-ти јануари, покрај автомобилските новитети на BMW и Volkswagen, ќе се најде и последната креација на Швајцарецот Франк М. Риндернехт. Rinspeed Etos е автомобил што може да управува самостојно, а има и уште неколку новитети.

https://youtu.be/8SW-V1R3Qx0

За конструирањето на возилото беше задолжена швајцарската фирма 4erC, додека изработката е дело на фирмата Esoro. Изработен врз основа на BMW i8, предниот дел од автомобилот е изработен од карбон, а за покривот се користи горила стакло, исто како кај дисплеите на паметните телефони. Etos стои на бандажи од 20 инчи од Borbet.

Волан што се отстранува да не пречи при „возењето“

Најинтересниот дел од Etos е кабината. Како студија на тема автономно возење, Etos поседува волан што се преклопува и за миг се вовлекува во арматурната табла. Камери и радари што го скенираат патот точно до сантиметар се грижат возилото да го најде својот пат, додека возачот има слобода да се посвети на тоа што во моментот му е поважно од возењето. Покрај воланот се наоѓаат два заоблени дисплеи од 21,5 инчи со висока резолуција, кои во исто време служат и за ракување со фунциите на возилото преку говорни команди, преку гестикулација или едноставно допирање на екранот.

Дронот може да ја донесе нарачката до возилото, но и да направи „самослик“ и да го објави на мрежите
Дронот може да ја донесе нарачката до возилото, но и да направи „самослик“ и да го објави на мрежите

Осум надворешни камери ја снимаат средината под агол од 180 степени и ги заменуваат ретровизорите, дополнително поништувајќи ги мртвите агли. Посебна функција е „Curbview“, која ги прикажува предните тркала и има за цел да го спречи оштетувањето на бандажите при паркирањето покрај тротоар.

Под застаклениот опаш на Etos со 12.000 светлечки диоди се наоѓа уште една практична играчка. Дронот полетува од опашот на возилото и може до возилото да го донесе производот што е нарачан преку интернет. Покрај тоа, дронот може да прави и „самосликови“ за време на возењето и да ги објавува на социјалните мрежи.

Претходна објаваЕлектромобилите на Renault извозеа 110.000 чисти километри за светската клима
Следна објаваВака изгледа најголемиот салон за Renault и Dacia во Британија

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here