за

Renault Zoe, електричен, од трета генерација

Renault Zoe ZE50
Renault Zoe ZE50

Годинава има неколку важни новитети меѓу електричните возила. Наесен се појавува првиот VW ID, се очекува и Opel Corsa, но пред сите нив има еден поважен новитет. Renault Zoe веќе долго вози на струја и се продава шампионски. Погонската техника во меѓувреме ја достигна третата генерација и се очекува тоа да се покаже како предност пред новата конкуренција.

Renault Zoe го продолжува патот по којшто возеше, буквално. Новата генерација на францускиот електричен автомобил постигнува поголем досег и располага со поголема моќност. Сега се покажува и огромната предност на Zoe и воопшто на Renault. Додека конкурентските куќи допрво ги претставуваат своите први големосериски модели на струја, Zoe има седумгодишно искуство на пазарот и титула на најпродаван автомобил на батерија во Европа.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Renault Zoe досега се има продадено во близу 150.000 примероци; Секое петто продадено возило на струја во Европа лани било Zoe

Првото што отсекогаш се забележувало во изгледот на Zoe е џиновското лого, дијамантот. Тоа не е случајна порака, туку јасно кажува дека Renault е големина меѓу електричните возила. Постои уште една причина за големото лого: Исто како досега, тоа се преклопува и го отвора пристапот до приклучоците за полнење. Убав детал е тенката сина рамка околу „дијамантот“, исто како и хромираната лајсна долу, со името на моделот напишано на неа.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Светлата ја имаат препознатливата графика за Renault во форма на потковица и секако дека користат диодна техника за сите функции. Хромираните детали долу во браникот и неколкуте динамични форми се уште една порака, којашто укажува на гордоста на овој модел, како еден од пионерите на електричниот погон.

Дисплејот од десет инчи во замена за класичните инструменти се вградува како стандард уште во основното ниво. Средината на кокпитот му припаѓа на вертикално поставениот таблет со пречник од 9,3 инчи. Веќе вообичаено, тој ги презема сите функции, така што под него останува простор за само шест копчиња, од кои две се за грејачите во седиштата.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Средишната конзола е организирана сосем различно од претходникот, со електронски контролирана рачка на менувачот и електронска паркирна сопирачка или безжичен полнач, меѓу другото. Бирачот за возење е изведен од кожа и хром, со сатенски финиш на некои детали. Тоа е францускиот ген на овој автомобил. Внатрешноста остава посебен впечаток и со меките материјали. Речиси по целата ширина на кокпитот се протега појас што е обложен со истиот штоф како седиштата.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Акустичен ветробран за намалување на бучавата однадвор; Тоа е важен „детал“ кога отсуствува брмчењето на моторот

Батеријата сега располага со капацитет од 52 kWh и испорачува енергија за 390 километри пат, според новата норма WLTP. Тоа е за 20% повеќе во споредба со претходниот модел со батерија Z.E. 40. Напредокот во батериската техника овозможи поголем капацитет при исти димензии. Новитет е можноста за користење моќни полначи со еднонасочна струја (до 50 kW), односно драстичното скусување на времетраењето на полнењето. На овие брзи полначи со 50 kW, кои обично се поставуваат на магистралните патишта, енергија за 150 километри пат се полни за 30 минути.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Стандардно, со користење ѕиден полнач од 7 kW, батеријата се полни целосно за 9 часови и 25 минути. Тоа значи дека тристотини километри стојат на располагање по 8 часови. На јавен полнач со 11 kW, за два часа се полни енергија за 125 километри пат.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Renault го нуди Zoe во изведба со електромотор R110 со можност од 80 kW и во посилна изведба со електрмотор R135, со 100 kW, односно 136 КС. Со вртежен момент од 245 њутнметри и со дополнителните 20 киловати во споредба со основната изведба, Renault Zoe Z.E 50 R135 забрзува од 80 до 120 за само 7,1 секунди, или 2,2 секунди покусо од изведбата со електромотор R110. Класичниот спринт трае помалку од десет секунди, крајната брзина е ограничена на 140 km/h.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Сите системи за асистенција што се достапни во класичната моделска понуда на Renault се испорачуваат и во електричниот Zoe. Истото важи и за можностите за поврзување, како подрачје во коешто францускиот производител вложува масивно веќе долги години. Од тоа има и дополнителна корист кај Renault Zoe, кога треба да се добие информација за најблиските полначи за струја или да се испланира подолго патување, според достапноста од полначи по пат.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Гамата од модели со погон на струја на Renault моментно ги опфаќа Zoe, Twizy, Kangoo Z.E. и Master Z.E., лимузината RSM SM3 Z.E во Кореја и комбито City K-ZE во Кина. До 2022 година, гамата ќе вклучува 8 модели со погон на батерија и 12 модели со електрифицирана погонска спрега, односно хибриди.

Испораките на новиот Renault Zoe ќе започнат кон крајот на годината, наскоро ќе бидат познати и цените.

Renault во посилен сојуз со Nissan и Mitsubishi по откажувањето на Fiat

Renault Koleos доби нови мотори и вози покомфорно

Софтвер го претвора Renault Zoe во извор за дополнителна заработка

Volkswagen и Renault водечки, Dacia и Mitsubishi со најголем раст во Европа

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

mercedes cla prodazba maj

Mercedes CLA со одличен почеток: Плус 8,5% во продажбата

Ferradi Музеј Маранело 90 години Scuderia

Музејот на Ferrari одбележува 90 години на „Скудерија“