за

Renault Kwid Concept: Птица во сериската опрема

Пазарите во раст се новата надеж на производителите. Renault го гради имиџот пред индиската публика со концептот Kwid – иако и другите би реагирале позитивно. Има и необични работи.

Концептниот автомобил Kwid кого што Французите го прикажуваат премиерно на салонот во Делхи има за цел да докаже пред индиската публика дека марката може да произведе интересни автомобили во компактниот сегмент, како најпродаван сегмент на тамошниот пазар.
Привлечниот изглед и немирниот дух се главните аргументи на Kwid. Со кусите каросериски превиси и необичните пропорции, концептот изгледа како во секој момент да ќе скокне, додека предимензионираните тркала даваат ефект на баги. Заедно со испакнатите крила и заштитните панели, на тој начин се постигнува впечаток на издржливо и пробивно возило, токму какво што посакуваат купувачите во азиската земја.

Навигацијата во Kwid е летечка

Разиграниот дизајн продолжува и во внатрешноста, која е инспирирана од птичјите гнезда. Французите се особено горди на „летечкиот придружник“. Тој има повеќе функции, меѓу кои извидување на сообраќајот, правење фотографии од средината и откривање пречки на патот. Со него може да се ракува преку таблетот во арматурната табла, односно може да се пушти да лета по претходно зададена рута или до одредени координати на сателитската навигација.
Моторот е 1,2-литарски бензинец со турбонатполнење, во комбинација со менувач со двојна спојка. Меѓу другите обележја на концептот спаѓаат електрично поместување на целата предна клупа по средишната шина, електрично отворање на вратите, светлечки диоди за осветлување на кабината и ракување со менувачот единствено преку командите на воланот.

Прв концепт на Renault со воневропска премиера

Kwid е прв концептен автомобил што Французите го претставуваат надвор од Европа, што соодветно порачува дека Renault во иднина уште повеќе ќе посветува внимание на глобалниот пазар. На пазарот во Индија моментно се нудат пет модели, Fluence како премиум лимузина, Koleos како луксузен теренец, Pulse како премиум компакт, Duster како спортски теренец и Scala како премиум лимузина. Овие модели таму очигледно добиваат повисок третман отколку во Европа. Во земјата, Renault располага со производствен капацитет за половина милион автомобили.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Land Rover Defender не се дава на стари денови

Hyundai Xcent: И малечко да е – лимузина да е