Renault Eolab: Овој Clio троши еден литар на 100 километри

За домашниот терен на салонот во Париз, Французите изработија посебна студија со хибриден погон, како конкурент на германскиот Volkswagen XL1, исто така „еднолитарец“.

Renault има спектакуларна студија за салонот во Париз. Eolab ја прикажува технологијата на иднината со којашто располага француската марка и поминува 100 километри со еден литар бензин. Погонот се состои од трицилиндарец со зафатнина од 1,0 литар со моќност од 78 КС и вртежен момент од 95 њутнметри, во комбинација со електромотор со 68 КС и вртежен момент од 200 њутнметри. Енергијата за електромоторот доаѓа од литиум јонски батерии со капацитет од 6,8 киловатчасови.

Преносот на сила се врши преку комплетно нова конструкција на тристепен менувач. Првите два степена се поврзани со електромоторот, додека третиот степен е резервиран за бензинецот. Вкупно се можни девет комбинации на степени, коишто не ги регулира возачот, туку електрониката. Возачот треба само да избере дали ќе вози во модус за куси или долги релации. Во вториов модус бензинецот и електромоторот работат заедно, со повраток на енергијата при отпуштање на гасот и при сопирање. На куси релации, бензинецот се вклучува дури над 120 km/h.

Студијата тежи 955 килограми, што е четиристотини килограми помалку од Clio. Коефициентот на отпор на воздух изнесува 0,235, со што потрошувачката на гориво при 130 km/h се намалува за околу 1,2 литар. За отпорот на воздухот дополнително да се намали при брзини над 70 km/h, инженерите на Renault користат пневматска амортизација, со која што каросеријата се спушта за 25 милиметри. Притоа се отвораат и спојлерите во задниот дел, заради спречување на турбуленциите зад возилото. Гумите се широки само 145 милиметри, што исто така оди во корист на аеродинамиката.

За намалувањето на тежината на каросеријата не се применуваат егзотични и скапи материјали како кај Volkswagen XL1, туку „стандардни“ материјали, како алуминум и магнезиум. Renault планира оваа техника да ја пушти во сериско производство во следните десет години, по неспоредливо пониска цена од XL1 којшто чини преку 100.000 евра.

Претходна објаваОмилената лимузина на Американците е … Toyota Camry!
Следна објаваHonda Jazz на салонот во Париз – продажбата стартува в година

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here