Европскиот пазар во првите два месеци од годината регистрираше 31.473 примероци од Рено Клио, којшто неодамна стартуваше со продажба во својата шеста генерација. Падот од 0,2 проценти во споредба со лани е незначителен, посебно покрај силните падови во продажбата на неколку модели во Топ 10.
Фолксваген Голф и Пежо 208 годинава изгубиле по 15 проценти од пазарот лани, а со голем пад се соочува и шампионот од лани, Дачиа Сандеро, со продадени 26.055 возила, што е 17.255 возила помалку од почетокот на 2025 година. Фолксваген Т-Рок, уште еден силен модел од лани, исто така е во пад (-5,6%), што веројатно се должи на генерациската смена.
Директорите на Дачиа ја поврзуваат намалената продажба на Сандеро со проблеми во снабдувањето од добавувачите, поради преоѓањето на нови мотори, но очекуваат ситуацијата да се подобри во текот на годината.
Водечката десетка во првите два месеци од 2026 ја заокружуваат Тојота Јарис Крос (-4,2%), Фолксваген Тигуан (-14,9%), Фиат Панда (+2,1%), Ситроен Ц3 (-23,7%) и Пежо 2008 (-9,0%).
Тесла Модел Уај, којшто беше меѓу најпродаваните автомобили во 2023 и 2024 година, пред да започне силниот пад лани, во февруари пак се избори за 22 проценти во плус и го заврши месецот со 10.863 регистрации. Тоа е воедно и најпродаваниот електричен автомобил во месецот, пред Шкода Елрок на 28-то место во феруари, со 8.378 регистрации.

Покрај Сандеро, други модели што се појавуваат редовно во Топ 50 и загубија голем дел од продажбата во февруари се Дачиа Дастер (-31%) на 18-то место, Тојота Јарис (-14 проценти) на 19-то место и Форд Куга (-14 проценти) на 42-то место.
Наспроти тоа, меѓу новодојденците најмногу напредува Фиат Гранде Панда, со којашто италијанската марка се врати меѓу најпродаваните модели, со 7.477 продажби во февруари, на 36-то место, односно вкупно 13.402 возила од почетокот на годината.
Друг модел од концернот Стелантис, што ја користи истата платформа Смарт Кар како Гранде Панда и се пробива силно е Ситроен Ц3 Еркрос, со 7.479 регистрации во Европа, на 35-то место, односно 15.234 во првите два месеци.
Добар напредок во февруари постигна и Дачиа Бигстер, со 7.086 регистрации, како и малечиот електричен автомобил Липмотор Т03, првпат во Топ 50 со регистрирани 6.122 возила.

Покрај Липмотор Тп03, други кинески модели што стартуваа со продажба неодамна и се пробиваат добро се Би Уај Ди Долфин Сурф со 3.213 продажби и Би Уај Ди Ато 2, со продадени 3.160 возила.
















