
На македонскиот автомобилски пазар доаѓа легенда од светот на теренските возила од Кина, од компанијата BAW што произведува теренски возила уште од 1950-те години. Наспроти претпоставките, 212 не е ознака на модел, туку е името на марката, што се повикува на историјата. И пак, наспроти претпоставките, тука работи дизел.
Западот има уште многу што да открива од кинеската автомобилска индустрија. Не се сведува сé на BYD, SAIC или Xiaomi Auto, коишто во моментов предничат во електромобилноста и во новите технологии – во светски размери – туку очигледно постојат специјалисти во традиционалните вештини, исто така со долга историја, какви што сакаме да веруваме дека има само во Европа.
BAW е специјалист за теренски возила, што постои уште од 1950-те години, и од влезот во тековната декада, притиска исто толку силно во развој на своите модели, како производителите чијшто имиња ги слушаме многу почесто.
Ознаката 212 што сега прерасна во марка на BAW, се повикува токму на историскиот модел, по којшто следеа бројни генерации на наследници, што изградија име на овие возила на локалниот пазар.
Кинескиот производител има амбиција да го освојува светскиот пазар, и добро е подготвен за тоа, со својот модел што носи ознака без многу ветувања Т01, но способен е да ги исполни очекувањата.

Основното, Т01 користи носечка рамка, како секој способен теренец, а располага и со водење на предната и задната оска со по пет водилки, што гарантира голем „офсет“, односно голем агол на закосување на оската, што е неопходност за посериозни пречки на теренот. Од друга страна, користењето спирални пружини, место застарен принцип со листести пружини, обезбедува и примерни возни својства при возење на нормален пат.
BAW 212 T01 се произведува во бензинска и во дизел изведба. На македонскиот пазар се нуди дизел изведбата со дволитарец по лиценца на Cummins со 170 КС, којашто реално е поприроден избор, без каква било електрификација. Секако дека моторот ги исполнува сите европски норми за чист издув, вклучувајќи и впрскување Адблу, заради потиснување на емисијата на азотни оксиди. Моторот е во комбинација со 8-степен класичен автоматски менувач од германскиот специјалист ZF.

T01 веќе е на тест возење во Аутомедиа и според првите впечатоци, изненади со лесната управливост, и секако со крутоста на каросеријата, којашто произлегува од конструкцијата со носечка рамка. Понатаму следат посериозни теренски предизвици, кога ќе се докаже на дело теренската геометрија, односно аголот на пристап од 40 степени, аголот на заминување од 36 степени и растојанието од 235 милиметри од подлогата.
Возилото го спојува теренскиот талент и класичниот изглед со блиските тркалезни светла, што се повикуваат на стилот на првиот 212 од 1950-те години, со софистицираност во кабината. Опременоста е вонстандардна, а остава впечаток и изработката, со внимавање сите површини да се обложени меко. Бројни детали укажуваат дека намерата не е да се понуди модел што ќе го нуди најосновното и ќе биде „работно“ возило за на терен, туку солидно осмислено возило, што ќе може да им парира на традиционалните имиња од светот на теренското возење.
При возење на пат, погонот е на задната оска, што користи и за штедливоста и за комфорот. Вклучувањето на погонот на предната оска може да се направи во возење. Постои и теренска редукција, и заклучување на задниот диференцијал, со можност да се нарача и модел со заклучување на предниот диференцијал. Остава впечаток и изборот од програми за возење во различни услови, вклучувајќи програма за снег, песок, кал, како и загазување во вода до длабочина од 85 сантиметри.
Дигитализацијата сепак се наоѓа од корист и тука, покрај камери на сите страни што даваат слика за просторот и за пречките околу. Од друга страна, класичниот стил на каросеријата со високи и широки прозорци, дава прегледност каква што сме заборавиле дека постои.
Климатизацијата е автоматска двозонска, седиштата располагаат со вентилација, греење и електрично местење, ретровизорите се собираат електрично, во средината е широк дисплеј со бројнни функции, во целина се живее господски во 212.
View this post on Instagram
BAW доаѓа од позната адреса кога станува збор за автомобили од кинеските производители. Увозник е ABC Brother, односно тоа е истата адреса од којашто досега се преземени повеќе стотици Forthing T5 Evo, Aeolus Shine, уште толку модели на DFSK и Dongfeng, а сега и BAW, којшто е сосем независен производител од досега наброените.
Од тоа што 212 Т01 го покажа во првите километри од тестот, станува збор за возило што ќе постигне впечатлив успех и поголема забележаност на сцената. Покрај цената од 39.990 евра и тоа што познавачите на теренските возила веќе го препознаваат во ова возило, 212 T01 уште сега е ѕвезда.
Контакт со увозникот
ул. 2 бр. 142, Визбегово, Скопје, Главен продажен салон (Абц Бротхер), Телефон: +389 2 261 7191
Локација 2: ул. Кочо Битољану 2в, Скопје, Продажен салон (Симакс Центар), Телефон: +389 71 221 147















