Секој модел на Ситроен во тековната салонска постава има посебност. Ц4 е кросовер што се повикува на славниот Ге-Ес, неговата Икс изведба е единствена лимузина-кросовер, Ц3 ниту Кинезите не го достигаат со цената, Ц5 Икс повеќе лета отколку што гази асфалт. Тоа што Ц3 Еркрос го прави посебен е многу простор, многу комфор, а пак е доволен.
Пред 100 години, таткото на оваа марка направи Ајфеловата Кула првпат да светне. Вистина, Андре Ситроен само му помогна на Јакопоци во тој потфат, но за возврат доби многу. По целата висина на најмладата знаменитост на Париз, во 1925 година светна името Ситроен. Очигледно, ДС и 2ЦВ, не се сé во оваа марка, има многу повеќе.
Понатаму, пред безмалку 30 години, истата оваа марка го имаше првиот сенаменски Берлинго, па влезе во новото илјадалетие со ванот Ксара Пикасо, за по три години да го измисли Ц3 Плуриел, како кабриолет по народска цена, којшто имаше мал проблем кога цврстиот покрив ќе се оставеше дома, и токму тогаш ќе се погодеше да заврне. Тоа е само едно брзинско спомнување на модели од преодот во новиот милениум, што беа различни, што беа Ситроен.
Во што е тогаш посебноста на овој Ц3 Еркрос? И тој се издвојува со комфорот, како секој друг нов Ситроен, со подвозје Адвансд Комфор Суспенжн и со седишта Адвансд Комфор Ситс – што би звучело многу подобро, доколку маркетингот си го испочитуваше францускиот јазик на марката. Најголемата посебност во Еркрос е во празниот простор, во воздух. Тој празен простор значи 80 милиметри повеќе место за колената за патниците на задната клупа, во споредба со просекот во класата. Тој простор што производителите инаку го наплаќаат скапо, кај Ситроен Ц3 Еркрос е бесплатен.
Денешен Ситроен С3 Еркрос е исто толку голем колку првиот Фолксваген Тигуан
Ситроен Ц3 Еркрос е СУВ од 4,40 метри, а тоа е речиси исто со Фолксваген Тигуан од првата генерација, и во поскапата изведба на тестов, овој чини 19.990 евра. Кој што сака нека си избере за приоритет: Дали цената, дали големината, или најдобро, големината за цената.
На тестот е изведбата Плус, второ ниво, меѓу Макс и Ју. Кој е спремен да се откаже од задна камера, од вештачка кожа на волан (кога алиекспрес нуди вистинска кожа за 50 евра за човек сам да си саботи), од седишта Адвансд Комфор со два прста повеќе материјал, од автоматика за клима уредот и автоматика за долго-соборено светло, среќни етикети на вратите, собирање на ретровизорите, по некоја шара ваму и таму, ќе го добие Ц3 Еркрос со бензинец со 100 КС по цена од 18.490 евра.
Повеќето купувачи на Ситроените се решаваат за повисоките нивоа
Разликата за овие ставки, плус уште трипати по толку, изнесува 1.500 евра. Од примерот со Ситроен Ц3, којшто досега се има продадено во преку 100 примероци, јасно е зошто повеќето купувачи се решаваат за повисоките нивоа на опременост.
Првото што требаше да се провери на домашна територија, по македонски планини и кривулести патишта, за разлика од пистите во Шпанија, каде што Аутомедиа првпат го возеше Ц3 Еркрос, беа возните својства. Постоеше прашање, дали долгата каросерија на Еркрос, што е „подигната“ врз истата платформа што ја користи Ц3, ќе ги влоши врз возните својства, односно дали и СУВ-то ќе биде исто толку возливо и предвидливо како кросоверот.
Кога ќе се доживее комфорот во возењето на Еркрос, искусен возач прво ќе помисли дека каросеријата ќе се тетерави во свијоци – тоа не постои
Тоа беше големото изненадување. По новата стандардна рута за тестирање во Аутомедиа, Еркрос навистина изненади со стабилноста. Секако дека многу нешта во подвозјето се сменети од кросоверот Ц3, почнувајќи од најважното, од ширината на трагата. На тоа доаѓа и продолжено меѓусокино растојание, различни амортизери, пружини, стабилизатор, зглобови, лежишта. Сето тоа прави СУВ-то Ц3 Еркрос со алиби да се води како различен модел од кросоверот Ц3.
Уште едно важно подрачје во коешто се издвојува Еркросот од моделската серија Ц3 е комфорот. Сосем е за очекување да се почувствува разлика по вообичаените утнати шахти и аматерски споеви на асфалт со асфалт низ градот, меѓутоа тестот на Аутомедиа има специјална „патека“ за тестирање, во рамките на стандардната тест-рута. Кој патува, или патувал еднаш, па се откажал за в иднина, по стариот пат од Штип кон Велес, пред Сарамзалино, добро е запознаен со состојбата.
Објавата на инстаграм од презентацијата во Шпанија
View this post on Instagram
Комфорот и солидните возни својства го поместуваат Ц3 Екрос кон СУВ од компакт класа
Таму, Ситроен Ц3 Еркрос веројатно беше вториот најкомфорен автомобил по БМВ Икс 3 со посебно подвозје. Нема потреси, нема паника дека нешто ќе отпадне, единствено звуците, коишто пак се подобро придушени, потсетуваат дека станува збор за модел од Б-сегментот.
Моторот е познат од целиот концерн Стелантис, 1,2-литарски бензинец со турбонатполнење и моќност од 100 КС, којшто во новата варијанта е префрлен на верига, место ремен. Трите цилиндри и натаму се предмет на недоверба на домашната автомобилска сцена, каде што и натаму се верува повеќе во искористени луксузни лимузини од типот „баба го возела“ и „има поминато само 189.000 километри“, па отпадите ни растат повисоки од Зајчев Рид.
Штедливоста е одлика на моторот, трите цилиндри ја покажуваат смислата
За моторот е веќе многупати пишувано и зборувано во Аутомедиа. Единствено што идните сопственички и сопственици треба да го знаат за верзијата со 100 КС и мануелен менувач е потребата да префрлат еден степен долу, во петтиот место во шестиот степен, кога на автопат со темпо 130 искачуваат нагорнина како на „Ветерско“. И тоа е сé. Во секој друг поглед, моторот е современ, дури и релативно тивок во нивото Плус, со екстра звучна изолација на ветробранот во споредба со Ју. Потрошувачка со шестка пред запирката се постигнува без мака.
Претходникот извозе историска рута по стариот пат од Извор до Прилеп, преку Дервен
Citroen C3 Aircross ја има вградено авантурата: По стариот пат од Велес за Прилеп
Добра опција е благиот хибриден модел, со цена од 23.990 евра во нивото Плус, со електромотор што е вграден во 6-степениот автоматски менувач со двојна спојка и моќност од 136 КС на бензинецот, плус 28 КС на електромоторот. Освен придобивката во пониската потрошувачка, секако се добива и поголема комоција со автоматикот.
Тоа што е повеќе забелешка, отколку критика, се однесува на едноставната облога во задните врати, на горната полица на багажникот што често ќе се пресвиткува, на отсуството на приказ за работата на хибридниот погон во инструментите или во средишниот дисплеј, и на недоследноста во начинот на ракување со командите за темпоматот и за радиото. Тоа се „козметички“ работи.
СУВ по цена на лимузина
Ситроен Ц3 Еркрос е големо освежување на македонската сцена. Ние сакаме големи автомобили, затоа и лимузините ги бараме повеќе отколку комбилимузините, различно од Западот. Ц3 Еркрос секако дека не е лимузина, меѓутоа со цената, а потоа и со противвредноста, веројатно ќе го привлече истиот круг купувачи, којшто порано посегнуваше прво по лимузина, по Елизе, на пример. СУВ по цена на лимузина. Тоа што е многу поизвесно. Еркрос ќе им украде многу купувачи на класична комбилимузина на конкурентите. Тој веќе е втор најпродаван модел на Французите. Само по Ц3.















