Како Ситроен заслужи цела Ајфелова Кула да светне со неговото име пред сто години

Ова историско поглавје ги спомнува Андре Ситроен, основачот на француската автомобилска марка, Фернандо Џакопоци, познат како волшебник на светлината, самиот Париз како Град на светлината, Чарлс Линдберг, германските дирижабли. Едно неверојатно возбудливо поглавје.

Во Фиренца во 1877 година, во тогашното Кралство Италија, роден е извесен Фернандо Џакопоци. Да беше роден малку порано, тој ќе беше жител на Големото Војводство Тоскана, коешто негуваше тесна поврзаност со Франција. Меѓутоа, судбината веќе имаше план неговото име да биде важно за Франција.

Во неговите рани 20-ти години, Џакопоци се сели во Париз, во градот каде што тој ќе биде познат како Фернанд Jакопози, а уште повеќе познат како волшебникот на светлината.

Самоук, но со креативен дух, тој се вработува во студио за декорации. Додека го подготвува излогот на студиото за Божик, тој доаѓа на идеја, место чаши што однатре се обложени со светки, да користи чаши во коишто ќе постави светилки.

Работодавците не се посебно одушевени и му оставаат само мал дел од излогот за тој да го сработи по свое. Но, таквиот пристап наидува на одушевување од јавноста, и за кусо време, Јакопози отвора сопствена работилница, што е специјализирана на декорации и за светлечки ефекти. Неговата умешност го води до таква чест, да ги осветли Париската Опера, Шанз-Елизе, бројни продавници, Триумфалната Порта, Плоштадот Вандом, па дури и самата Богородична Црква.

Богородичната Црква осветлена од Јакопози

Јакопози се запознава со Ситроен, средба на двајца генијалци

Во Париз во тие години често се спомнува името на уште еден несекојдневен лик, младиот Андре Ситроен. Тие се среќаваат по случајност. Во 1914 година, германските трупи напредуваат кон срцето на Франција. Министерството за одбрана решава на индустријалците што државата ги има регрутирано и ставено да се борат на фронтот за Франција, да им додели стратешки функции, за тие да работат на задачи на коишто ќе можат целосно да ги искористат своите искуства и способности.

Меѓу повиканите индустријалци во Министерството се Луј Рено, браќата Пежо и самиот Андре Ситроен. Фернандо Јакопози исто така е меѓу избраните, затоа што тој добива посебна стратешка задача од Франција. Успешното спроведување на таа задача му донесува Орден на Честа.

Германските цепелини тогаш се покажуваат како делотворни бомбардери. Тие летаат на висини што се недостижни за тогашните борбени авиони, а до нив не досега ниту артилеријата. Посебната местоположба правеше Париз да биде лесна мета за германската војска.

Задачата на Јакопози беше со неговите светилки да симулира град, лажен дел од градот Париз, во шумата Фонтенбло во близина на градот. На тој начин требаше да се измамат германските летала. Во таа пригода, Андре се запозна со Фернандо, по што двајцата си ветија дека по војната ќе се најдат повторно, за заеднички да сработат нешто.

Фернандо Џакопоци, односно Фернанд Јакопози

Од војна индустрија до моторизација

По четири години, светот повторно стана убаво место за живеење. Првата Светска Војна заврши, германските цепелини се користеа во цивилни цели. Тогаш и Андре Ситроен почна да произведува автомобили, место гранати. По француските улици сé почесто се среќаваа прочуениот 10ХП, а по него и новиот 5ХП. Автомобилите на Ситроен ја освојуваа цела Европа, затоа што големосериското производство што Андре го донесе на Стариот Континент, овозможуваше возилата да бидат со многу подостапна цена.

Јакопози одамна ѝ се имаше вратено на својата пасија со осветлување на знаменитостите на Париз. Новата цел на волшебникот на светлината беше Железната Дама, Ајфеловата Кула. Тој се обрати на повеќе индустријалци, што првично беа одушевени од замислата на Јапопози, но се откажуваа откако ќе слушнеа за цената на потфатот.

Тој се сети на Андре Ситроен, визионерот што го запозна во 1914 година и му се јави. Барањето беше за 200.000 жаречки светилки, 100 километри кабел и мала хидроелектрана што ќе биде поставена на Сена. За возврат, на Андре му беше ветено дека неговото презиме ќе биде напишано со светлечки букви на сите страни на Ајфеловата Кула. Тоа не беше ништо помалку од најголемата светлечка реклама во светот.

Ајфеловата Кула му беше сон на Ситроен. Тој ја следеше целата подготовка на градилиштето и од прозорците дома гледаше како напредува изградбата на Кулата. Андре подоцна отвори канцеларија на Ке де Жавел, практично под самата Кула. Неговата намера беше Ајфеловата Кула да ја користи како антена за своето Радио Ситроен. Француската влада подоцна реши да го прекине тој проект, поради страв дека на тој начин ќе му се даде преголема моќ во рацете на еден човек.

Трошокот за осветлувањето беше преголем и Андре во почетокот се двоумеше дали да се впушти во таква инвестиција, но на крајот беше решено. Презимето Ситроен и знакот на марката, двојниот шеврон, ќе светнат на Железната Дама. Договорот предвидуваше шевронот на Ситроен да свети во следните десет години на Ајфеловата Кула.

Циркузанти и планинари работеа на осветлувањето на Ајфеловата Кула

Не требаше да мине долго, за циркуски изведувачи на трапез и акробати, поранешни морнари и планинари, да почнат да ги поставуваат светилките по цела висина на Ајфеловата Кула. На мал остров во Сена беше поставена и хидроцентрала со моќност од 1.200 киловати за напојување на целата структура.

Кулата светна на 4-ти јули 1924 година. Ситроен тогаш не бил во близина. Според неговите деца, тој или пловел по Сена со Бато Муш, прочуените екскурзиски бродови, или бил на Трокадеро. Но, тој во секој случај имал причина да наздрави со чаша шампањ.

Осветлената Ајфелова Кула му беше од помош и на прочуениот Чарлс Линдберг, како ориентир за време на неговиот историски лет од Њујорк до Париз. Шевронот продолжи да свети на една од најважните обележја на градот во следните десет години. Така Париз всушност и стана Град на Светлината.

Видеото од тестот на новиот Ситроен Ц3

Претходна објаваТесла ја губи продажбата, конкуренцијата фати чекор
Следна објаваБатериите на електричните автомобили траат подолго отколку што се мислеше, открива студија на Стенфорд

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here