Фиат Гранде Панда · Тест · Големите автомобили се малечки

Фиат со Гранде Панда надоместува за сите години на отсуство на Пунто од сцената, со модел во класата во којашто италијанската марка остави историски поглавја. Не е само до дизајнот. Има содржина во овој автомобил. Прв тест на Гранде Панда.

Фиат е меѓу марките што се имаат одомаќено најмногу на македонската автомобилска сцена. Меѓутоа, Торино во последните години мораше да ѝ го препушти своето место меѓу најпродаваните марки на конкуренцијата. Уште од средината на 1990-те години, во златните времиња на продажбата на нови автомобили на македонскиот пазар, секогаш имаше Фиат меѓу трите најпродавани модели. Меѓутоа, во 2018 година се случи промена, откако престана производството на Гранде Пунто, односно Пунто.

Тоа беше еден од моделите што ставаше најсилен печат врз македонскиот автомобилски пазар, почнувајќи од премиерата на првата генерација на Фиат Пунто од почетокот на 1994 година. Со Пунто и Поло започна развојот на домашната автомобилска сцена во сосем нов правец. Почна отворање на претставителни салони, угледни сервисни работилници, се организираа настани што досегаа до најшироката јавност.

Фиат сепак не се повлече од сцената, напротив. Италијанците секогаш беа присутни, но не толку масовно. Фиат Чинквеченто од 2007 година постигна одличен успех, и покрај тоа што главно е осмислен како ретро стилизиран модел, место како обичен и најдостапен градски автомобил. Во салонот секогаш ќе се појавеше по некоја ексклузивна Долчевита, меѓутоа 500-та не можеше да биде замена за Пунто. Таа е убава, италијанска, но има две врати и мал багажник, а со тоа и ограничена применливост. Од друга страна, тука е Панда, уште една големина на марката од Лингото. Вистина, со петте врати таа е попрактична, со лесно пристапен багажник и приспособливата кабина, но пак е малечка. Не може да биде „пунто“.

Е, сега се менуваат работите, со Гранде Панда. Нема Пунто, нема Гранде Пунто, сега е Гранде Панда. Со цената и со функционалноста и практичноста, таа точно го пополнува местото коешто некогашму припаѓаше на Пунто. Тоа што дополнително го има Големата Панда, не може да се превиди. Првото што ќе го забележите секако е различниот и привлечен дизајн, што отсекогаш бил одлика на италијанските авотмобили. Но, тоа што навистина остава силен впечаток уште при првото гледање во живо, тоа е изобилството од детали во изгледот. Торино вели дека светлата со коцкеста шема личат на фасадата на Лингото, прочуената фабрика на Фиат во Торино, поточно пропорциите на коцките во светлата и во маската одговараат со прозорците на Лингото.

Насекаде освојуваат тие детали, Гранде Панда е полна со изненадувања. Коцките се повторуваат и долу во браникот, и формата понатаму се пренесува на сите страни. Дури и за тоа што личи како заштита на подвозје на дното на браникот, стилизирано е различно. Лево во вратата на багажникот крупно се втиснати буквите на името на Фабрика Италијана Аутомобили Торино. Острана, името на моделот стои со уште покрупни букви. Сé e различно, оригинално и невидено досега.

Како им се погоди на Италијанците да произведат толку „скап“ дизајн?

Големите познавачи на автомобилизмот ќе се сетат дека вака некогаш изгледаа концепните и студиските автомобили од големите авто-салони во Женева, Париз, Франкфурт, па и Торино своевремено имаше свој голем салон. Преку тие возила, производителите го испитуваа пулсот на пазарот и ги најавуваа новите модели. Но, кога тие модели конечно ќе се појавеа во продажните салони, од изгледот што мамеше воздишки, остануваше само малку кај сериските модели. Концептите се уникати, изработени скапо и обично во еден примерок. Нивниот дизајн беше прескап за да се произведе. Затоа сериските модели доѓаа како исплакнати.

И, ако Торино не се појавеше со Гранде Панда, не ќе знаевме дека, тој некогаш скап дизајн, браншата денес може да го произведе по нормална цена и да го понуди кај модел што цели кон најширок круг купувачи со цената. Но, за нешто да се произведе со „богат“ дизајн, неопходни се стил, креативност, чувство за убаво, односно неопходно е да се вмешаат италијанските производители. Италија ѝ требаше на автомобилската сцена.

Промената што ја донесе Гранде Панда во изгледот на Фиат и будењето на свеста на автомобилскиот пазар дека во светот има и Фиат, споредлива е со преоѓањето од Фиат 127 во Уно, од Фиат 128 во Ритмо, па понатаму од Ритмо во Типо, и секако, од Уно во Пунто. Важна работа ѝ се случи на автомобилската сцена.

Со овој изглед, Гранде Панда може и да не вози добро, па пак ќе се продава одлично. Но, можеби големата Панда, сепак вози добро. Какви беа впечатоците и забелешките од тест-возењето на новиот Фиат, по редовната тест-рута на Аутомедиа, молиме погледнете го обемното видео на нашиот канал на Јутјуб.

Со следењето на нашиот видео канал на Јутјуб го потврдувате и нашето место на македонската автомобилска сцена како најгледан видео канал од областа на автомобилизмот.

Најсилни страни

+ Исклучително ниска потрошувачка
+ Свеж и оригинален стил во секое подрачје дава дополнителна вредност
+ Тивко и удобно возење, што е „наследство“ од електричната верзија
+ Рационална искористеност на просторот и добра функционалност
+ Голем багажник

Забелешки

– Нема можност за рачно менување на степените и тоа ја ограничува динамиката
– Ракувањето со темпоматот бара привикнување
– Праговите се изложени на валкање и тоа остава траги на облеката при невнимавање
– Не е достапен дводелен под и не се добива целосно рамен под по соборување на задната клупа
– Неколку позиции во завршната изработка може да бидат подобрени

Вредностите на потрошувачката на 4-те делници

Моделска изведба на тестот
Фиат Гранде Панда 1.2 Хибрид Ла Прима

Редовна цена на моделот 22.400 евра
Цена со попуст 21.400 евра (попуст 1.000 евра)

  • Гаранција 2 години, без ограничување на километражата

Ставки од опременоста што се стандард во Ла Прима, дополнително од основниот модел

  • Кровни шини
  • Посебен изглед на преден и заден браник
  • Затемнети задни стакла
  • Странични столбови во сјајна црна боја
  • Седишта со специјални облоги за Ла Прима
  • Втора касета за одлата пред совозач, изработена од бамбус
  • Висинско местење на предни седишта
  • Поделена задна клупа
  • Ел. собирање на ретровизори
  • ЛЕД светла за читање
  • Сензор за дожд
  • Автоматски клима уред
  • Самозатемнувачки внатрешен ретровизор
  • Навигација
  • Задна камера
  • УСБ-Ц приклучоци х3
  • Паркинг сензори напред и назад
  • Темпомат и ограничувач на брзина на возење
  • Тркала од лесен метал од 17 инчи
  • Волан обложен со специјален материјал
  • Потпирач за рака напред
  • Безжичен полнач

Дополнителна опрема

  • Зимски пакет (грејачи во предни седишта, греење на волан и на ветробран) 400 евра

Врска до моделот на вебсајтот на Фиат

https://www.fiat.mk/modeli/grande-panda-hibrid

 

Претходна објаваХонда се придружи на предупредувањата дека забавеното преоѓање на електрични возила им штети на производителите
Следна објаваПолиција мораше да интервенира на состанок во фабриката на Тесла во Германија

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here