Renault Clio: Дваесет и петте години на најпродаваниот француски автомобил во историјата

Со над 13 милиони примероци во четири генерации Clio е најпродаваниот француски автомобил на сите времиња. Успехот не дојде тукутака. Renault изгради вистински култ околу автомобилот со име на божица.

Над 13 милиони примероци, четири генерации, титула на најпродаван автомобил од француска продукција на сите времиња, прв кандидат што победил на два избора за европски автомобил на годината, 18 пати најпродаван модел на францускиот пазар во изминативе 25 години, најпродаван малечок автомобил на европскиот пазар во 2014 и 2015 година, вклучувајќи ги доставните изведби – тоа е солиден успех за еден „малечок“ автомобил.

Можеби мала помош дојде од тоа што Французите решија при именувањето на моделот да се повикаат на грчката митологија. Клио е име на грчка муза на историјата, свирачка на лира и поттикнувачка на славата. Clio имаше тешка задача да го наследи култниот R5 при премиерата во 1990 година. Пристапот беше сосема поразличен. Renault го развиваше Clio според стандардите на моделите од повисоките класи, колку што тоа беше можно. Стратегијата се погоди, купувачите ги ценеа опремата и деталите што дотогаш беа недостапни во класата. Првиот Clio не претеруваше со растот, имаше каросерија од 3,70 метри, за педа повеќе од R5.

Моделите на Renault добија имиња место бројчена ознака

Суштинска промена се случи во означувањето на моделите. Место бројки, новите модели на Renault добија имиња. Така и R5 стана Clio. Една година по премиерата, Французите го извлекоа максимумот од идејата, со луксузната Clio Baccara, со седишта во сива кожа, со ореово дрво во таблата и на рачката на менувачот, кожа на вратите и хромирани прекинувачи. Во 1998 година, приказната продолжи со Clio Initiale, воспоставувајќи ја традицијата што трае до денес.

Renault Clio - 25-годишнина

Втората генерација пристигна во 1998 година, со седум сантиметри подолга каросерија и со нови 16-вентилски мотори, како и со поголема нота на безбедноста, со предни и странични воздушни перници. Третиот Clio следеше во 2005 година, при што претходникот се задржа во понудата под името Clio Campus. Со должина од 3,99 метри и натпросечно просторна кабина, Clio III ги разгали сопствениците. Пристап и стартување на моторот без клуч, сателитска навигација, темпомат, до осум воздушни перници, сето тоа беше достапно во овој модел. Clio прв го класата доби пет ѕвездички за безбедност според тестот на Euro NCAP. За првпат во гамата на моделот беше воведена и комби каросериска изведба, а Clio вторпат стана автомобил на годината.

Актуелниот модел од четвртата генерација беше претставен во 2012 година, со дизајн инспириран од концептот DeZir од салонот во Париз две години порано. Со Clio започна и новиот дизајнерски правец во француската марка. Практиката за воведување ставки од повисоките класи, тука се реализираше со воведување на интегриран мултимедиски таблет R-Link во кокпитот, како и со врвно озвучување во кабината.

Генијална маркетиншка кампања го следеше успехот на Clio

Силен маркетинг го подржуваше успехот на Clio низ сиве години. Во 1992 година, по завршетокот на студената војна, русинот Леонид Комаров се појави во реклама со слоганот: „Сиот овој луксуз за секого? Тоа е сон на комунистите. Кога можеш да имаш Clio, зошто би ти требал поголем автомобил?“ По Кремлин, следна постојка за Clio беше голфскиот залив, кадешто богат Емир му понуди непроценливо богатство на синот, под услов тој да се откаже од неговиот Clio. Откако синот ја одби понудата, Емирот коментираше: „Не е доволно скап, сине.“

Renault Clio - 25-годишнина

Во Велика Британија долго време одеше кампањата „Никол и папа“, преку којашто Никол стана втората најпозната личност во земјата, откако во анкета се покажа дека повеќе Британци ја препознаваат неа отколку премиерот Џон Мејџор. Изразот „Ва Ва Вум“ што се користеше во следната кампања влезе дури и во англискиот речник во издание на Оксфорд.

Голем удел во имиџот на Clio има постигнато и мотоспортот. Во изминатите 25 години, отсекогаш постоеја спортски, тркачки, рели верзии, како дел од долгата традиција на Renault на тркачките патеки. Вистинска сензација на салонот во Париз во 1998 година предизвика Clio V6, од когошто брзо следеше и сериска верзија во ограничен број примероци. Овој „суперклио“ имаше трилитарски V6, вграден средишно, првично со 230, а потоа со 255 КС. Спринтот до сто траеше под шест секунди. Renault Sport контуинирано се грижеше за снабдување на ентузијастите со спортски верзии: Clio 3 R.S. во 2006 година, Clio 4 R.S. во 2013 година, а последно Clio R.S. Trophy во минатата година, со 220 КС.

Clio е симбол за растот на Renault. Во 1990-те години, продажбата на Renault достигнуваше 1,8 милион примероци годишно. Денес, француската марка е дел од алијансата со Nissan и со трите марки постигнува годишна продажба од 2,8 милиони возила во 125 држави низ светот.

[FAG id=24719]

Претходна објаваType R, 308 GTi, Cupra и GTI Clubsport на споредбен тест на Auto Bild
Следна објаваMercedes стартува нова генерација електрични автомобили во Париз

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here