за

Renault Captur: Освојувачот

И мало да е, само да личи на теренец. Renault стартува со продажба на кросоверот Captur, како нов член во растечкиот сегмент на квази теренци развиени врз техничка основа од градските автомобили. Opel ја има Mokka, Chevrolet го има Traxx, Peugeot го има 2008, сега и Renault се вклучува со Captur, чие што име непогрешливо асоцира на освојување.

Со големите тркала, повишеното растојание од подлогата, широката трага и нанапред поместениот ветробран, Captur комбинира елементи на семеен ван, спортски теренец и класично комби, но крајниот резултат вистина заслужува пофалба. Кој сака да остави личен печат на своето возило може да избира и комбинација од две бои за каросеријата, лакирани бандажи, графички мотиви во кокпитот, светол или темен ентериер, речиси не постои ограничување.

Поради повишениот покрив и соодветно приспособената архитектура на возилото, Captur нуди повеќе простор во кабината иако е незначително подолг од Clio. Задната клупа лизга надолжно и се приспособува за максимум простор за нозе за патниците или за максимум простор за багаж. Второто изнесува најмногу 455 литри, до полицата.

Највпечатливи практични детали во кокпитот се касетата пред совозачот, која се отвора како фиока и има зафатнина од 11 литри, и можноста облогите на седиштата да се отстранат и да се исперат.

Сите мотори во Captur имаат турбонатполнење. Бензинците што стојат на располагање од старт се TCe 90, со три цилиндри и зафатнина од 0,9 литар, и TCe 120 EDC со четири цилиндри и зафатнина од 1,2 литар, при што EDC е кратенка за менувач со двојна спојка. Дизелскиот модел е dCi 90, со потрошувачка од 3,6 литри на сто километри. Подоцна и за него ќе стои на располагање менувачот EDC.

Производството на Captur е во шпанскиот Ваљадолид, каде се извршени бројни унапредувања во квалитетот на производството и заштата на животната средина.

[nggallery id=12]

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Ако се мора не е тешко

BMW X4: Малиот брат на X6