
Групацијата Рено нема потреба да ги скусува своите производствени капацитети и покрај притисоците од кинеските соперници, за разлика од групациите Фолксваген и Стелантис, коишто размислуваат за затворање фабрики или за препуштање на дел од капацитетот на кинеските партнери, порача извршниот директор Франсоа Прово.
Обраќајќи се по повод објавувањето на резултатите за првото полугодие, Прово кажа дека европските фабрики во моментов работат со искористеност од преку 80 проценти, што експертите го ценат како профитабилно ниво.
„Посветени сме да постигнеме конкурентност во нашата производствена мрежа, преку намалување на трошоците за 20 проценти и да потпишеме договори со синдикатите во Шпанија, Мароко и Словенија“, изјави Прово пред аналитичарите. Рено успеа да ги скуси и варијабилните трошоци, за 400 евра по возило на годишно ниво.
Прово кажа дека Рено е подготвен за ценовниот притисок од Кинезите во Европа. Кинеските производители го зголемија својот удел повеќе од двојно и достигнаа околу 11 проценти во јуни. Тоа е постигнато главно преку добро опремени возила по пониска цена од традиционалните производители.
„Не ни е изненадување тоа што се случува на пазарот. Подготвени сме,“ кажа Прово. Тој посочи дека Рено е супериорен над кинеските соперници во поглед на менаџирањето на марката, понудата од модели и во производството.
Рено во првото полугодие постигна резултати како кај премиум марките
Рено го заврши првото полугодие малку над предвидувањата на аналитичарите, со оперативна маржа на ниво на групација од 5,2 проценти, наспроти 6,0 проценти во првото полугодие лани. Главен носител на профит се финансиските услуги. Оперативната маржа во бизнисот со автомобили е 3,0 проценти, наспроти 4,0 проценти лани.
Француската групација постигна профит од 700 милиони евра, додека во истиот период лани беше во загуба од 11,18 милијарди евра, главно поради отпишувањето 9,3 милијарди евра од уделот во Нисан.
Прометот достигна 30,25 милијарди, што е за 9,4 проценти над првата половина од 2025 година. Заслугата за тоа е производството на возила во своите фабрики, за партнерите Нисан и Мицубиши, како и зголемената продажба на поскапите изведби на новото Клио, во споредба со претходниот модел.
Рено ја потврди и оперативната маржа од 5,5 проценти за годинава, наспроти 6,3 проценти лани.
Французите со евие резултати им парираат и на премиум марките. Ауди постигна оперативна маржа од 2,6 проценти, Мерцедес-Бенц пријави 4 проценти, додека БМВ дојде до 2,3 проценти.
Прово и директорот за финансии Данкан Минто посочија дека новите електрични модели, како Рено 4, 5 и Твинго, носат поголема заработка отколку поголемите и постоечки електрични модели, како Меган и Сеник Е-Тек.
Светла точка се и успешните модели на светските пазари, како Филанте што се нуди во Јужна Кореја или Бореал во Бразил.

Рено очекува уште подобри резултати во второто полугодие, од новите модели, каде што спаѓаат:
- Постигнувањето полна продукција на електричното Твинго, што чини под 20.000 евра
- Електричен Трафик
- Дачија Страјкер и новиот Спринг, што ќе биде базиран врз Твинго
- Подостапна изведба на Меган Е-Тек со батерија со литиум јон фосфат (ЛФП)
- Хибридна изведба на Дачија Сандеро, најпродаваниот автомобил во Европа















