Рено Клио е еден од носечките модели на домашниот пазар, во времето кога продажбата на нови автомобили броеше двојно повеќе возила, до пред деценија и пол. Затоа, македонска класа. До каде дојдоа овие автомобили денес? Тест на новото Рено Клио.
Рено стартува со новата генерација на Клио со два мотори, со три нивоа на опременост, и пак е сé на број. На Французите се чини им успеа уште една револуција со Клио. Дизајнот е само заокружување на пакетот, каде што се главни дигитализација и системи за асистенција. А, како е со традиционалните вредности, комфорот на пример? И тоа го има. Тест на Аутомедиа.
Како се одвиваат нештата во Рено, најдобро сведочи постапката на некогашниот прв човек на групацијата, чијшто достигнувања денес ги чувствуваат автомобилските купувачки и купувачи. Лука де Мео повеќе не е во Рено, затоа што немаше што повеќе и подобро да направи таму. Тој денес работи во сосем друг мултимилијардерски бизнис. Ги средува Керинг, односно Гучи. Во ова Клио има многу зафати од шефувањето на де Мео.
Клио, Поло, 208, Корса, Јарис, исто и Ибица, Свифт, Фабија, сé тоа се големи автомобили. Тие со децении беа базата на автомобилскиот пазар, главниот сегмент во којшто се продаваа најмногу возила. Сите овие големци, денес имаат и свои над-големци. Клио го има Каптур, по Поло следат Т-Крос/Таиго, 208 го има 2008, на Корса ѝ се силат Фронтера/Мока, Јарис е надраснат од Јарис Крос, а истиот пат гo следат Арона, Витара, Камик.
Некои производители веќе не ја играат класата. Форд отпадна со Фиеста, Алфа Ромео Јуниор совршено си се вклопи по МиТо, Фиат Пунто, локален херој во класата, денес е заменет со Гранде Панда, а смената најдобро им успеа на Ситроен, со Ц3 како кросовер.
СУВ-секцијата во голем дел им го собра пазарот на класичните комбилимузини од градската класа. На производителите им е сеедно, затоа што продажбата пак им останува во фирма, па дури и заработката за тие десетина сантиметри на коишто ќе се поткачат каросериите е поголема. Но, што да прават возачките и возачите што сепак си сакаат класична комбилимизина?
Што да понуди Рено подобро од СУВ-Клио, кога веќе ја има освојувачката Каптур?
Вистина е дека тие модели малку загубија на самодоверба во изминатава генерација. Само неколку модели се издвојуваат со дизајнот, со различноста. Во Рено, налогот за развој на новата генерација на Клио, како да гласел, направете автомобил што ќе се издвојува најмногу и што ќе биде поразличен од сé друго.
Кога светот првпат го виде новото Клио, на фотографии што божем непланирано се протнаа до јавноста, пред моделот официјално да се појави во живо на Одеонплац во Минхен, за време на салонот ИАА Мобилност 2025, се чинеше дека француското автомобилче со име на античка божица, можеби се издвојува премногу и се разликува премногу. Но!
Како при ретко која дизајнерска револуција во скоро време, сцената овојпат остана без какви било критики, откако го виде новото Рено Клио во живо. Предницата му изгледа како мотоцикл Дукати, опашот како на скап и брз шутинг-брејк, со бројни егзибиции во детали, посебно во задните столбови што од некој агол се чини како да се дебели одвај два сантиметри, долу на спојот кај триаголникот во задните прозорци. Сокриените рачки во вратите се веќе рутинска шема. Изгледот постигнува, оваа Клио се сака.
Цената тука се кажува веднаш, нема потреба од „предигра“
Втората добра работа е таа што производителите обично ја чуваат за крај, откако прво ќе ве убедат дека тие го имаат најдобриот автомобил во класата. Од појавата на Клио, лесно е да се поверува во тоа, но пак, автомобилов ќе мине вака и без да се знае што има друго да понуди. Цената на основната моделска изведба на Клио е 19.862 евра во ценовникот на Аутомотив Груп.
Тоа можеби не е најниската цена на пазарот, но ова Клио е вистински автомобил. А, тоа значи, со силен мотор, со богата опременост, а веројатно и штедлив, комфорен, безбеден. Тоа ќе го провериме на тестот.
Клиово е вистински автомобил, затоа што стартува со 1,2-литарец со 115 КС место 91 КС, а доаѓа и со приспособлив темпомат, камера за знаци, електрична паркирна сопирачка, паркинг сензори назад, и нормално, со клима уред, инфо-забавен систем со дисплеј од 10,1 инчи, па дури и со потпирач за лакт напред, како ситница што знае да нервира кога ја нема.
Цената на Клио Техно е како рекламата на Луфтханза, ту-ту-ту-ту-ту-тулуз
Тестираново Рено е во средното ниво на опременост Техно, коешто се разликува од нивото Еволушн по автоматиката за климата и автоматиката за долго светло, пристапот и старт без клуч, возачкиот дисплеј од 10 инчи место 7 инчи, по мулти-сенсот со амбиентално светло и соодветен избор на програми за возење и задната камера. На тоа доаѓаат уште беспрекорно поврзување со сите услуги и функции на Гугл, и тркала од лесен метал од 16 инчи. На крајот се доаѓа до 22.022 евра, што нуди повеќе од комплетен автомобил.
Моторот е друг свет во споредба со претходната генерација на Клио. Тука се сервираат 200 сантиметри кубни екстра, но со тоа доаѓаат и 115 КС место 91 КС, вртежен момент од 190 место 160 њутнметри, забрзување покусо за две секунди, а како што се покажа на тестот, и изненадувачки ниска потрошувачка на гориво.
Тоа што го одликува моторот е раното послужување на полниот вртежен момент од екстра 30 њунтметри, уште при 1.750 место при 2.000 вртежи. Од тоа се добива мазно, а пак динамично возење, без потреба од често посегање по рачката на менувачот. Преносниот однос во последните два степени на пренос е значително продолжен, со што се постигнува и ниско ниво на бучност, но и ниска потрошувачка. Моторот единствено не сака високи вртежи, не е создаден за тоа. Клио своевремено има возено како модел со име на Вилијамс, со 150 КС, но тоа беа други времиња. Денес се бара друго.
Два мотори, три нивоа на опременост, но пак повеќе
Кој сака повеќе моќност, па и пониска потрошувачка, го има на располагање хибридот со 1,8-литарец со системски 160 КС, но купувачот во тој случај не ја гледа цената. Хибридното Клио чини 27.590 евра, и со тоа не е туѓа територија, затоа што Французите наведуваат дека хибридот во претходната генерација постигнал удел од 30 проценти во продажбата.
Убедува штедливоста, во сите режими на возење, како што покажа стандардниот тест на Аутомедиа. На 4-те делници што ја сочинуваат тест-рутата, Рено Клио ТЦе 115 трошеше во просек:
Петровец – Страцин (Умерено возење по спореден и експресен пат): 5,2 литри/100 км
Страцин – Пробиштип (Спуст до Кратово, потоа подинамично возење по долго искачување): 4,5 литри/100 км
Пробиштип – Велес (Рамномерно возење по рамнина): 4,3 литри/100 км
Велес – Катланово (Автопат, со три силни меѓузабрзувања): 6,2 литри/100 км
Погонот одлично го надополнува комфорното подвозје
Карактерот на погонската спрега наоѓа вистинска придружба во удобното подвозје. Ретко досега се случува модел од градската класа да покаже толку зрело подвозје. Направени се бројни зафати за тоа да се постигне, главно во стегнатоста на предниот стабилизатор и во изборот на амортизерите, но во секој случај е делотворно. Уште повеќе зафати има во звучниот комфор, почнувајќи од додадената пена во предните столбови, до формата на ретровизорите.
Управливоста е примерна, благодарение на доброто нагодување на подвозјето, на пропширената трага на предната и задната оска – за 26 и 10 милиметри – но и на директниот преносен однос во управувањето, како зафат што Рено го милува уште од електричните Меган Т-Тек и Р5 Е-Тек. Место 3,3 вртежи од еден до друг крај, сега се 2,6 вртежи. Сето тоа, во комбинација со незначителното зголемување на тежината, покрај растот од близу 7 сантиметри во должина, произведува примерна управливост. Клио се чувствува како лесен автомобил, и тоа е главната одлика и негов адут во споредба со СУВ-секцијата.
Возните квалитети убедуваат, како е „во место“?
Рено Клио број 6 порасна во должина 67 милиметри, на 4,12 метри, а солиден раст има и во ширина, со +39 милиметри, односно 1,77 метар, на ниво на Каптур. Во висина, Клио доби 11 милиметри. Меѓуоскиното растојание одвај се смени (+8 мм). Од дополнителните сантиметри, повеќе доби опашот. Соодевтно на тоа порасна и багажникот. Со 391 литри, францускиот модел со име на античка божица е шампион во класата. Порано беа 327 литри.
Багажникот порасна, но товарниот раб е мошне висок, што веројатно се образложува со потребната цврстина на каросериската школка, заради хибридната изведба. Од Французите беше за очекување да понудат и подобра облога на подот. Веројатно во понудата од прибор на производителот или со малку пребарување на онлајн-трговските канали може да се најде подна облога што ќе биде поугледна.
Простор каде што Французите можеле да посветат малку повеќе внимание се и облогите во вратите, коишто не се обложени целосно со платно во делот каде што се потпира лакт, па дури и целосно отсуствува платнена облога во задните врати, што би било за очекување во средно ниво на опременост.
Клио остава простор за Каптур, уште еден силен пазарен освојувач на Рено
Во поглед на самата просторност, Клио назад е просек, без притоа да се чувствува стеснетост и без блискост со таванот, како што би се насетило однадвор. Но, мора да се остави простор и за поголемите, посебно за Каптур, којшто е уште еден голем модел на Рено. Добра страна е тоа што пристапот до клупата е полесен отколку кај некои модели што нудат повеќе простор таму.
Кокпитот е уште една силна страна. Рено направи дисплеите да почнат да изгледаат природно. Додека до пред само неколку години се зборуваше само за големината на дисплеите, денес веќе се нуди графика, резолуција, контраст, бои, друг свет.
Во поглед на ракувањето, Клио исто така остава одличен впечаток. Бројните функции што се достапни преку диплеите се прегледни и јасни, со лесен пристап, што сведочи за сериозна работа во поглед на дигитализација. Голема улога има и звучниот поздрав од Жан Мишел Жар при седнување и понатаму при секое вклучување функција.
Посебно радува ракувањето со системите за асистенција. Едно копче е доволно за брзината на темпоматот да се смени според знаците, иако браншата и натаму доцни и го почнува забавувањето дури откако ќе се мине знакот при влегување во населено место. Забава внесува и давањето бодови за безбедност и штедливост во возењето, по секое паркирање на Клио. Но, ова машинче веројатно ќе остане паркирано ретко. Има зрелост во ова Рено.
ПРЕДНОСТИ
- Штедлив и еластичен мотор
- Комфорно подвозје и ниска бучност
- Лесна управливост
- Едноставно ракување
- Богата опременост
- Одлични седишта
МОЖЕ ДА БИДЕ ПОДОБРО
- Подната облога во багажникот не остава впечаток
- На некои места можело да биде додадено внимание во изработката
- Висок товарен раб на багажникот
- Малку простор за одлагање во средишната конзола, кај верзијата со рачен менувач














