
Ауди А6 Авант во теренската изведба Олроуд зафаќа многу поширок простор во споредба со класичниот Авант, ширината е зголемена за дури единаесет сантиметри, на безмалку два метри.
Во комбинација со дополнителната ширина на возилото доаѓаат тркала со пречник до 21 инчи и вообичаените каросериски додатоци што го сочинуваат препознатливиот изглед на теренец во досегашните пет генерации на А6 Олроуд. Тоа му дава цврста става на престижното, но секако и способно комби.
Порасна и растојанието од подлога, каде што Олдоуд има 34 милиметри повеќе слобода за движење на терен во споредба со Ауди А6 Авант. Наспроти 14,5 сантимтри кај цивилното комби, тука се добива растојание од близу 18 сантиметри.
Надворешноста цврста и отпорна, внатре лимузинско згрижување
Во кокпитот владејат панорамските дисплеи на системот ММИ, сочинет од возачки дисплеј од 11,9 инчи и средишен дисплеј од 14,5 инчи. Со доплата се вградува трет дисплеј од 10,9 инчи пред совозачот.
Ауди сака да убеди и преку играта со светлата. Може да се избира меѓу осум различни графики на дневното светло, а соодветно се менува и изгледот на графиката во задните светла.
Напред работат матрични диодни светла со модули Микро-ЛЕД, со повеќе режими на работа, вклучувајќи предупредување за голомразица што се проектира врз патот. Сигнализацијата назад ја преземаат светла ОЛЕД од втора генерација.
Не недостига комоција, со контурирани седишта со вентилација и масажа, климатизација во четири зони и пречистување на воздухот, што се доживува во средина со раскошна звучна изолација и со стаклен покрив што се затемнува електрично.
Воздушната суспензија е стандард, висината се мести во распон од 55 милиметри
Ауди стандардно го испорачува А6 Олроуд со пневматска суспензија, што нуди можност за каросеријата да се подигне за дополнителни 15 милиметри. Намерата на Инголштат е да понудат автомобил што вози добро и на терен, со зголемено растојание од земја, но и лежи добро на асфалт, кога каросеријата ќе се спушти за 20 милиметри.
Повеќе нагласок на динамиката во новата генерација на А6 Олроуд
Насоката во којашто е развиван новиот Олроуд е кон зголемена возна динамика, за што укажува и зголемената ширина на трагата, за 74 милиметри напред и 7-0 милиметри назад. Затоа и целото возило е пошироко за 11 сантиметри.
На тоа се надоврзува проресивното управување, со побрза реакција и повеќе повратна информација. Уште повеќе влијае управувањето на сите тркала, со тоа што задните тркала при ниска брзина се свртуваат за 5 степени спротивно од предните, односно за 2 степени во ист правец со предните тркала. На тој начин се добива покус круг на вртење во град и полесно паркирање, односно поголема возна динамика на пат.
Кватро е стандард, првпат приклучен хибрид
Сите погонски изведби имаат електромотор во одредена функција, а новина е приклучниот хибрид. Тој комбинира дволитарски бензинец со 252 КС и електромотор со 143 КС, што дава системски 367 КС и 500 њутнметри.
Со батеријата од 25,9 кВч се постигнува досег до 95 километри. Ауди А6 Олроуд полни со моќност од 11 кВ и тоа трае околу два и пол часови. Може да се избира меѓу неколку степени на рекуперација.
Дизел-фракцијата ја застапува трилитарски Ве-6 ТДИ со 299 КС и 580 њутнметри. И дизелот користи електромотор, но работи како благ хибрид, со стартер-генератор со 24 КС и со електрично задвижуван компресор. Тоа треба да понуди рано и силно повлекување, како при поаѓање, така и при престигнување.
Багажникот располага со зафатнина од 466 до 1.497 литри. Кај приклучниот хибрид, просторот се скусува на 404, до 1.423 литри. Вратата стандардно доаѓа со електромотор.
Во зависност од моторот, Ауди А6 Олроуд влече товар до 2,5 тони, што е дополнителни 400 килограми во споредба со А6 Авант.
Уште една важна одлика на Олдоуд секако е практичноста. На кровните шини може да се постави багажник со подигнати страници, како кај екпедициските теренци, што е достапен како прибор. На тоа се надоврзува приспособлива задна клупа.
Ценовникот за германскиот пазар почнува од 77.250 евра.














