Пежо пристојно ја раздвижи сцената со премиерата на електричниот Е-208 ГТи, којшто го продолжува поглавјето на Пежо 205 ГТи. По впечатливото појавување за време на 24 часа Леман, сега почнуваат и нарачките за моделот.
Пежо со Е-208 ГТи не прави чекор што другите веќе не го направиле или допрво ќе го направат. Алпин А290, лутата верзија на Рено 5 Е-Тек, на пазарот е подолго од година, свежо стартувана е Купра Равал, Мини Ејсмен ја застапува премиум фракцијата, дополнува Опек Мока ГСЕ, а наскоро доаѓа и Фолксваген ИД Поло ГТи. Во тоа опкружување, доаѓа Пежо Е-208 ГТи со големо име.
Бројките се многу важни кај овој автомобил, а тие покажуваат: 281 КС и спринт до темпо сто за 5,5 секунди. Шефот Алан Фави вели дека тоа е најдобро во класата. Досегот до 375 километри се надоврзува пристојно.
Ценовникот за најсилното електрично Пежо стартува од 42.900 евра во Франција. Без субвенциите, Е-208 ГТи на вториот најголем и важен пазар за ЕВ, германскиот, стартува од 44.900 евра, и со тоа им парира на А290 со 218 КС (46.200 евра), Равал со 226 КС (39.990 евра), Алфа Ромео Јуниор Елетрика 280 Велоче (28.500 евра), Ејсмен Џеј Си Ви со 258 КС (42.500 евра), Купер Џеј Си Ви со 258 КС (40.000 евра), Мока ГСЕ (47.300 евра) и ИД Поло ГТИ со 226 КС и 39.000 евра.
Во развојот на Е-208 ГТи учествуваа инженерите на Пежо Спорт
Французите кажуваат дека Е-208 ГТи е дело на Пежо Спорт, спортскиот огранок на марката со лавот, со седиште во Сатори, близу Париз. Тоа е воедно адресата на којашто е роден Пежо 9 Икс 8, за трките во издржливост.
Електромоторот на „првиот вистински 100% ГТи“ е од тип М4+ и произведен е во Тремери, во Франција, каде што долги години се произведуваа мотори. Партнер на Стелантис во е-погонот е Нидек Лерој-Сомер.
Со 5,5 килограми на секоја КС, електричниот ГТи минува километар од место за 25,8 секунди, и забрзува од 80 до темпо 120 за 3,2 секнуди. Брзината е ограничена на 180 км/ч.
Батеријата од 54 кВч е истата од цивилниот Е-208, но има претрпено бројни зафати во новата улога. Меѓу нив спаѓа и делотворно ладење, за лавчето да издржи долго возење под брзо темпо.
Пежото стандардно доаѓа со врвни спортски гуми Мишелин Пилот Спорт 4С, со коишто досегот е 352 километри, а со нарачка се добиваат Ханкук Вентус, кога досегот расте на 374 километри.

Кај ГТи не се работи само за сурова сила, туку и за способно подвозје
Каросеријата е спуштена 25 милиметри, трагата на предната оска порасна 56 милиметри, на задната 28 милиметри. Гумите со димензија 215/40 се навлечени на тркала од 18 инчи. Перфорираниот дизајн по пример од историскиот ГТи е добар детал.
Место стабилизатор од 17 милиметри, напред е вграден далеку поцврст стабилизатор од 31 милиметри, за дополнително зголемување на возната динамика во свијоци. Инженерите посебно го напоменуваат додадениот стабилизатор назад, што се грижи за совршен баланс.

Во редукторот е вграден диференцијал со механичка блокада, што гарантира делотворно пренесување на влечната сила и во услови кога едното тркало ќе загуби контакт.
Специјалните пружини и амортизерите со хидраулични бафери – а ла Ситроен – се уште една посебност на ГТи.
За да се контролираат оваа сила и брзина, во предните дискови од 355 милиметри гризат 4-клипни сопирачки клешти, нормално црвени. Назад се стандардните сопирачки од Е-208.

Во појавата на Е-208 ГТи јасно се препознава легендата 205
Новиот ГТи ги прикажува препознатливите трилиниски дневни светла на Пежо, на коишто се надовршува графиката на главните светла.
Арките на предните крила се проширени, заради пошироката трага. Предниот браник завршува со спојлер, исто како и опашот, каде што спојлерот е лакиран во сјајна црна боја.
Црвената линија од историкиот ГТи е присутна насекаде, во маската, светлата, лавчето, арките, сопирачките клешти, натписот 208 ГТи во задните столбови, задниот спојлер, по целата внатрешност.
Може да се избира меѓу седум бои, ако некој цени дека ГТи треба да е во друга освен во црвена, црна или бела боја: Окенит бела, еликсир црвена, мирамар сина (нова), црна со бисерен ефект, артенс сива, селен сива и агуеда зелена.
Патосниците се црвени, исто и ремените. Бојата продолжува и во опшивката на арматурната табла, вратите, седиштата, воланот. Многу се внимавало и изгледот на спортските седишта да биде близок до историскиот модел.
Друг свет се прикажува и во графиката во дисплеите, посебно за Е-208 ГТи. Се надоврзува и амбиенталното светло.
Единствена опција е стаклениот покрив, за 650 евра доплата
Опременоста не е тема, тука има сé, од напредни онлајн-услуги, до том том навигација, говорни команди, безжично поврзување со телефон, премиум материјали.
За батеријата да се наполни повторно, возачките и возачите треба да се стрпат 4 часови и 40 минути, на домашен полнач, односно под 30 минути ако приклучат на брз полнач, каде што Е-208 ГТи ќе црпи со 100 кВ.















