
Рено 4 ќе биде во средиштето на вниманието на штандот на Рено на салонот во Париз, каде што годинава ќе учествуваат повеќе европски марки отколку лани. Дачиа исто така пристига со важен новитет, тоа е Бигстер, со којшто романската марка ќе направи пробив во сегментот на компактните модели.
Групацијата Рено ќе има две важни премиери на салонот во Париз во октомври. Доаѓаат Рено 4, во вид на мал СУВ со електричен погон и модел на Дачиа од компакт класата, веројатно моделот што уште одамна беше најавен како Бигстер.
Рено 4 беше прикажан како концептен автомобил со ознака 4евер (форевер) на салонот во Париз во 2022 година. Рено во таа пригода напомена дека основната силуета на концептниот автомобил „во 80 проценти“ се сопаѓа со серискиот модел. Исто како малечкиот ЕВ Рено 5, чиешто производство штотуку отпочна, 4-та е конструирана врз платформата Амп-Р.
И, исто како што електричниот 5 има форма што се инспирира од моделот Рено 5 од 1970-те, Рено 4 го користи стилот на историскиот модел, којшто дебитираше во 1960-те години, како издржлива и практична комбилимузина.
Премиерата на Рено 4 ќе ја придружува концепт „што ја отелотворува иднината на марката во поглед на одржливоста и декарбонизацијата,“ стои во соопштението на Французите од 4-ти септември.

Дачиа Бигстер исто така веќе е прикажана како концептен автомобил. Тоа ќе биде второто големо лансирање на нов модел годинава, откако пред кусо време стартуваше новата генерација на популарниот СУВ-модел Дастер. Марката што повеќе е ориентирана кон буџет сегментот, во изминатите години се искачи едно скалило погоре, преместувајќи го тежиштето од малечките автомобили кон поголемите модели, какви што се кросоверот Џогер и новиот Бигстер.
На салонот во Париз што ги отвора вратите на 15-ти октомври ќе има и други новитети од групацијата Рено. Алпин првпат пред јавноста ќе го прикаже електричниот Алпин А290, којшто е базиран врз Рено 5, со спортски перформанси и луксузна опременост. Спортската марка на Рено Групација најавува и шоу-автомобил што ќе го „најави идното возило за гаражата од соништата“, а публиката ќе гои види и Алпенглоу Хај6, прототип со изглед на тркачки автомобил, со мотор со внатрешно согорување, што работи на водород, место на бензин.

Два електрични четирицикли доаѓаат како производ на марката Мобилајз, којашто нуди решенија за мобилност. Нивните имиња се Дуо и Бенто.
Огранокот за товарни возила ќе прикаже концептен автомобил од „следната генерација“ и прототип на големиот фургон Мастер со погон на водород.
Откако на изданието на салонот во 2022 година главниот печат го ставија кинеските марки, на салонот во Париз годинава повторно ќе има посилно присуство на европски марки. Се враќаат Алфа Ромео, Ауди, БМВ, Ситроен, Форд и Пежо. Кадилак и Киа исто така имаат големи штандови, а секако не отсуствуваат и Кинезите, со марките Фортинг, Серес (двете се марки на Донгфенг, присутни во МК), Скајворт, Експенг, Максус, Хонгки и БИД.















