за

Range Rover и Bentayga чувајте се: Доаѓа теренецот од S-Class

Mercedes го освежи најголемиот теренец и согласно новото именување му додаде едно S во ознаката. Со тоа, новиот GLS се води како теренец од класата S, а тоа значи дека му припаѓа на врвот во тој сегмент.

На луксузните марки може да им се подрасипе забавата, ако очекуваа дека ќе бидат сами во „новопронајдениот“ сегмент на скапи теренци. Mercedes го освежи големиот теренец GL и го потсетува светот дека во него постои и нешто што се води како S-Class меѓу теренците. Согласно новата номенклатура, GL отсега се води како GLS, и настапува со поштедливи мотори, збогатени опции на програмата за возење Dynamic Select, со усовршена пневматска амортизација, автоматски менувачи 9G-Tronic, цел арсенал системи за асистенција и со телематика со пристап на интернет.

Mercedes-Benz GLS, (X 166), FL 2015585 КС за топ-моделот во гамата на новиот GLS

Врвот во понудата му припаѓа на Mercedes-AMG GLS 63 4Matic, со 585 КС, специјално подвозје и преработен менувач AMG Speedshift Plus 7G-Tronic. Заеднички за сите моделски изведби во гамата на GLS е новиот кокпит со впечатлива луксузна нота и голем средишен дисплеј, со нов мултифункциски волан со три краци, комплетно редизајнирана средишна конзола со сенсорско поле, и секако, нови бои и украсни елементи.

Каросеријата доби нов дизајн на целиот преден дел, додека назад е сменет главно дизајнот на браникот и на светлосните елементи. Тоа што не се смени е фактот дека GLS и натаму е единствениот луксузен теренец од европска марка со целосна искористливост како седумсед – иако GKS се произведува во САД. Димензиите на каросеријата го откриваат американското потекло: Должина 5,13 метри, ширина 1,94, висина 1,85 и меѓуоскино растојание од 3,08 метри.

Изобилство можности за внесување личен печат во изгледот на луксузниот теренец

Хромираните елементи во каросеријата се стандард, а кој сака да остави и дополнителен личен печат може да избере спортски пакет AMG Line Exterieur, ексклузивен Night Paket, или една од новите бои на каросеријата од понудата designo – дијамант бела и хијацинт црвена … или бандажи од 21 инч.

Mercedes-Benz GLS, (X 166), FL 2015Багажникот располага со импресивен волумен од 680 литри, со максимални 2.300 литри, должина на товарен простор до 2.124 милиметри и носивост до 815 килограми, што значително ги надминува можностите на европските конкуренти во секој поглед.

Сите мотори во GLS нудат подобрени перформанси и намалена потрошувачка на гориво во споредба со претходникот. Силниот GLS 500 4MATIC со четирилитарски мотор V8 со битурбо натполнење сега нуди 455 КС и 700 њутнметри. Едно скалило подолу е GLS 400 4MATIC, со трилитарски битурбо V6 со 333 КС и 480 њутнметри, со просек од 8,9 литри на сто километри. Сите агрегати се комбинирани со еко старт-стоп фунција. Врвен модел е Mercedes-AMG GLS 63 4MATIC со 585 КС и 760 Nm.

Покрај бензинците, на избор стои и познатиот дизел V6 со 258 КС и 620 Nm во GLS 350 d 4MATIC. Сите моделски изведби, со исклучок на GLS 63, располагаат со новиот деветстепен автоматик, со можност за доплата за теренска редукција и централна блокада.

Dynamic Select отсега и со специјална програма за екстремен терен

Системот Dynamic Select сега нуди шест програми за возење: Комфорна, за лизгава подлога, спортска, индивидуална, теренска и екстремна теренска програма. Во последнава, по потреба се вклучува теренската редукција и централната блокада. Од корист е и пневматската амортизација, со клиренс до 306 милиметри и способност на возилото да понира во вода до длабочина од 60 сантиметри.

Преработената пневматска амортизација може од друга страна да понуди и спортски возни својства, со соодветен избор на програма во Dynamic Select. Со доплата се нуди системот за спречување на страничното навалување во свијоци, со активни стабилизатори на предната и задната оска. Со овојо таканаречен Active Curve Sistem се подобруваат и теренските својства.

Нарачките за новиот GLS стартуваат од 4-ти ноември, испораките ќе следуваат во март 2016 година. Цената за GLS 350 d 4MATIC во Германија изнесува 62.850 евра, додека за врвниот модел Mercedes-AMG GLS 63 4MATIC треба да се издвојат најмалку 113.500 евра. Новакот Bentley Bentayga чини двојно повеќе. Но, проблем ли е GLS да стаса до 200.000 евра со упорно штиклирање на сите ставки во дополнителната опрема?

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Triumph вози назад во иднината со Thruxton и Thruxton R

Honda Jazz со одлични резултати на последната серија краш-тестови