за

Honda Jazz со одлични резултати на последната серија краш-тестови

Honda Jazz

Конзорциумот Euro NCAP за ноемвриската серија краш-тестови ги избра Honda Jazz, Honda HR-V, Audi A4 и Volkswagen Caddy. Еден модел приреди најголемо изненадување.

Четири автомобили се најдоа во ноемвриската серија краш-тестови на конзорциумот Euro NCAP. Заедничко за сите тестирани модели, почнувајќи од Honda Jazz, преку Audi A4 и Honda CR-V, до Volkswagen Caddy е добрата заштита на патниците при судир. Единствено германскиот транспортер заслужи само четири ѕвездички, сите други ја добија максималната оцена од пет ѕвездички.

Најголемото изненадување го приреди Honda Jazz. Неговите пет ѕвездички се исклучителен резултат за автомобил од градската класа, каде што повеќето конкуренти завршуваат со четири ѕвездички, главно поради отсуството на системи за асистенција. Опремен со сите неопходни безбедносни ставки, плус систем за следење лента, Honda Jazz во моментов е водечки модел во класата.

Каросеријата на Jazz исто така се грижи за добра заштита на патниците, што на јапонскиот конкурент на Polo и Fiesta му донесе 91 бод. Тоа значи дека Honda Jazz нуди заштита исто колку огромниот спортски теренец Audi Q7, кој на тестот доби 94 бодови во оваа категорија. Моделот познат по особено приспособливата и практична каросерија заслужи пет ѕвездички и за заштитата на децата и на пешаците.

Дури и новиот Audi A4 нуди за нијанса послаба заштита за патниците од Honda Jazz

Новиот модел од средната класа на Audi не изневери и исто така доби по пет ѕвездички во сите категории на тестот. Единствено подрачјето на градите на возачот е заштитено помалку при фронтален судир, исто како и безбедноста на патниците на задната клупа при страничен удар во столб. Audi A4 во оваа категорија доби 90 бодови, што е помалку од Jazz. Затоа пак, во останатите категории за заштита на деца, заштита на пешаци и системи за асистенција, новиот A4 доби подобри оцени од малечкиот Јапонец. Експертите особено ја пофалија активната хауба, што спречува повреди на пешаци во подрачјето на нозете и колковите.

Audi A4 со пет ѕвездички во сите четири категории
Audi A4 со пет ѕвездички во сите четири категории

И вториот модел на Honda доби максимален број ѕвездички, иако во сите четири категории на тестот доби послаби оцени од помалиот Jazz. Заштитата на возрасните патници е оценета со 86 бодови, со забелешка за заштитата на патниците на задната клупа при фронтален судир. Покрај тоа, патниците на предните седишта се изложени на опасност од повреди на вратот при судир одзади. Во поглед на заштитата на децата, Euro NCAP препорачува детско седиште од првата група да не се поставува во средината на задната клупа, каде што има помала заштита.

Volkswagen Caddy мора да се задоволи со само четири ѕвездички, првенствено поради отворот што се создава при страничен удар во столб, во подрачјето меѓу лизгачката врата и средишниот столб. Надвор од тоа, патничката кабина нуди добра заштита за возрасните патници и децата, за што компактниот транспортер доби пет ѕвездички. При фронтален судир постои опасност од повреда на градите на возачот. Најслаб резултат е заштитата на пешаци, каде што Caddy освои само 58 бодови и четири ѕвездички. За крајниот резултат придонесе и фактот што Caddy не располага со системи за асистенција, како систем за следење лента, но и со сигнализација за незаврзани безбедносни ремени на патниците во вториот и третиот ред.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Range Rover и Bentayga чувајте се: Доаѓа теренецот од S-Class

Кражбата на Tesla Model S можеби и не е толку паметна идеја