Автоматски систем што користи радарски сигнали во иднина ќе овозможи автомобилите да гледаат „зад аголот“ и навремено да откријат кога оттаму доаѓаат други возила. Системот може без проблеми да се применува во постоечките автомобили и работи врз основа на доплеров ефект.
Кога радарскиот сигнал ќе наиде на површина, тој се прекршува како топка од страниците на маса за билјард. На тој начин може да се откријат објекти што не се гледаат. Дел од радарскиот сигнал се прима од детектори што се вградени во автомобилите. Посебен софтвер препознава дали објектите во подрачјето што не се гледа се движат или мируваат.
Радарските сензори се релативно достапни и може да се произведуваат масовно. Тие ги надминуваат слабостите на лидарите и камерите што се користат во автопилотираните возила и кои не можат да откријат објекти што не се гледаат.
Техниката е претставена на Конференцијата за компјутерска визија во Сиетл, во американската сојузна држава Вашингтон
Кај радарите е мало слабеењето на сигналот при наидување на мазни површини и тоа е уште една негова предност за оваа примена. Но, проблемот кај нив е во тоа што тридимензионалната резолуција е релативно слаба. Тоа е надминато со посебни алгоритми што ги толкуваат податоците од радарот. Освен возила, радарот открива и пешаци или велосипедисти. Се очекува преку натамошно забрзување на развојот, новата технологија да наиде на примена веќе во следната генерација возила.
Проектот е поддржан од Европската Унија, Mercedes-Benz AG е еден од партнерите во развојот на технологијата.