Пред повеќе од 100 години, англиската тркачка Дороти Левит препорачуваше повремено да се фрли поглед наназад. За таа цел, подоцна беше развиено помошното средство, кое оттогаш не смее да недостига кај ниту едно возило.
Мошне е разбирливо тоа што токму една дама е пронаоѓачка на ретровизорот, имајќи предвид дека мажите (обично) не практикуваат да се огледуваат. Во својот прирачник за почетници возачки под насловот „The Woman and the Car“, како прво дело од таков вид, англиската тркачка Дороти Левит во 1909 година препорачуваше повремено да се погледнува наназад, со помош на рачно огледало што посебно се чува за таа намена во возилото.
Левит тогаш не можела ниту да претпостави колку далекусежна ќе биде нејзината визија. Требаше да минат уште дваесетина години, додека Ford во 1927 година започне сериски да вградува ретровизори во своите возила, како прв производител на автомобили.
Дороти Левит ѝ одржуваше часови по возење на англиската аристокрација
Дороти Левит имаше големо право да дели совети околу автомобилите. Таа беше прва тркачка во Англија и ги победи своите машки колеги зад воланот, поставувајќи брзински рекорд во 1904 година. Веќе во следната година, дамата го собори сопствениот рекорд и постигна тогаш запрепастувачки 146 километри на час.
Достигнувањата од овој вид водеа кон тоа госпоѓа Левит да има прием кај англискиот крал Едвард Седми. Подоцна, таа им одржуваше возачки часови на кралицата Александра и на целата аристокрација.
Англиската дама во својот придачник советуваше, покрај огледало, во возилото да има и автоматски џебен пиштол, на пример Webley. За среќа, овој нејзин совет не наиде на поширока прифатеност.

















