Цртежите од тркачкиот 911 RSR за серијата GT2 ги потврдуваат гласините. Моторот на најекстремната изведба на Porsche 911 наменета само за тркачки патеки ќе има средишно вграден мотор. Останува неизвесноста околу моторот. Дали новиот RSR ќе вози со атмосферски мотор или и тој ќе добие турбонатполнење?
Porsche ја подгрева атмосферата пред премиерата на новата генерација на тркачот 911 RSR. На цртежите се забележува дека во задните прозорци се изведени отвори за проветрување, додека масивниот вшмукувачки канал за воздух е поместен понапред, во споредба со постоечката верзија на тркачот на Porsche во серијата GT2. Со тоа се потврдуваат гласините дека германските инженери подготвуваат драстична промена во концепцијата којашто го следи „911“ уште од прамоделот.
Моторот во новиот 911 RSR ќе биде поместен пред задната оска, што значи дека станува збор за преоѓање на концепт на средишно вграден мотор. Тоа повлекува и промена на позицијата на менувачот. Место пред моторот, како што отсекогаш било случај кај спортската икона од Цуфенхаузен, менувачот во иднина ќе се наоѓа зад него. Новиот концепт носи подобра распределба на тежината меѓу обете оски, а тоа секако ќе се рефлектира прво во возните својства.
Премиера во Лос Анџелес ќе доживеат и новите моделски изведби на Panamera
Задутре ќе се знае конечно и за моторот што ќе се вградува во RSR. Дали во него ќе работи атмосферски боксер или сепак ќе се премине на турбонатполнење? Масивно димензионираниот вшмукувачки канал укажува на вториов случај.

Заедно со новиот 911 RSR, на 16-ти ноември на салонот во Лос Анџелес претстои светска премиера и за новите моделски верзии во гамата на Panamera, основната изведба на моделот со нов трилитарски V6 со 330 КС, како и ексклузивна верзија Executive, со меѓуоскино растојание продолжено за 15 сантиметри и изобилство од сериска опрема.
















