Поранешната дизајнерска ѕвезда на Volkswagen креира женски чевли

Човекот што ги создаде незаборавните форми на Audi A5, Seat Altea, а претходно Alfa Romeo 156 и Lamborghini Egoista, отсега ќе биде миленик на дамите што се носат според последниот моден крик. Валтер де Силва уште пред четири години најави дека неговиот сон е да креира женски чевли. Овој сон сега станува стварност.

Валтер де Силва несомнено се вбројува меѓу најголемите ѕвезди на автомобилскиот дизајн во последниве децении. Италијанецот се пензионираше како шеф на дизајнот за сите марки во концернот Volkswagen во 2015 година и во следниот февруари повторно ќе се најде на дизајнерската сцена. Но, не како дизајнер на автомобили, туку на женски чевли.

Уште пред четири години Де Силва кажа дека неговиот сон е да креира женски чевли. Заедно со неговата супруга Емануела, овој 65-годишен дизајнер отвори семејно претпријатие коешто ќе биде присутно на модната сцена како Walter de Silva Shoes. Автомобилите сепак остануваат на цртачката табла.

https://www.instagram.com/p/BMltP3pA4eX/?taken-by=walterdesilvashoes

Околу триесетина најразлични модели на женски чевли го носат името на славниот автомобилски дизајнер. Де Силва останува верен на своето начело и исто како кај автомобилите, формата на чевлите ја дефинираат две или три линии.

Исто како автомобилите, женските чевли побудуваат емоции и имаат сексапил

Италијанскиот дизајнер смета дека автомобилите и женските чевли имаат две заеднички работи: „Тие ги побудуваат емоциите и имаат сексапил.“ Де Силва нема да креира машки чевли, тој смета дека таму нема простор за креативност. Чевлите се дел од семејната традиција: „Автомобилите отсекогаш ми биле страст, но женските чевли се дел од историјата на мојата фамилија.“ Неговиот дедо Феручио во периодот меѓу двете светски војни отворил една од првите фабрики за дамски чевли во Италија.

Најевтините чевли со дизајнерскиот потпис на Валтер де Силва чинат нешто помалку од 600 евра, додека за најскапиот чифт треба да се издвојат близу 1.500 евра.

Претходна објаваBMW Alpina го испорача петилјадитиот автомобил за Јапонија
Следна објаваPorsche задутре го претставува новиот 911 RSR

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here