Единствената тјунерска работилница што е регистрирана како производител на автомобили го испорача својот петилјадити автомобил на јапонскиот пазар. Бројката не би требало да е изненадување ако се има на ум дека BMW Alpina е присутна во островската држава уште од 1979 година. Јапонија е втор најголем пазар за култната марка по САД.
Пет илјади автомобили на BMW Alpina досега се продадени на пазарот во Јапонија. Сопственик на јубилејниот примерок е извесен Јошиаки Мацуока, долгогодишен клиент на германската марка, а неговиот автомобил е BMW Alpina B7 Bi-Turbo, базиран врз неодамна претставениот знаменосец на BMW.
Во автомобилот на Мацуока е поставена плакета што укажува на посебноста на овој B7. Моќноста на 4,4-литарскиот V8 во режија на BMW Alpina изнесува 608 КС, додека вртежниот момент достигнува 800 њутнметри. Крајната брзина изнесува 330 километри на час, спринтот до сто трае 3,7 секунди. Почетната цена на B7 Bi-Turbo изнесува 148.800 евра.
Првиот автомобил на BMW Alpina е увезен во Јапонија во 1979 година. Побарувачката за тјунираните автомобили на германската марка растеше постојано во минатите децении. До 2009 година во Јапонија беа испорачани вкупно 3.000 примероци од BMW Alpina, за само пет години подоцна бројката да достигне 4.000 возила.
Денес Јапонија е втор најголем пазар за BMW Alpina по САД. Годинава ќе се произведат околу 1.600 автомобили од оваа марка.


















