Porsche ги збогати функциите на својот виртуелен тренер за возење по тркачка патека. Бесплатната мобилна апликација Porsche Track Precision App отсега може преку Apple Car Play да се прикажува директно на дисплејот на спортскиот автомобил и да се ракува со истата преку системот Porsche Communication Management (PCM).
Porsche досега ја нудеше апликацијата само за паметен телефон. Во новата верзија 3.2, возачите на Porsche ќе профитираат и од дополнителните 100 тркачки патеки, што ги содржи апликацијата. Тоа значи дека сега стојат на располагање 300 програмирани тркачки патеки ширум светот. Апликацијата за тренинг за тркачка патека е достапна за сите класични моделски изведби „со две врати“, односно за Porsche 911 и 718.
При возењето во реално време се запишуваат податоците за надолжно и попречно забрзување, за силата на сопирање и за бројот на вртежи на моторот, како и за постигнатите брзини. Преку PCM, апликацијата е поврзана со повеќе контролни уреди во возилото. Таа ги чита податоците од сензорите и ги анализира, со цел возачот да го подобри својот стил на возење.
















