за

Porsche Panamera до детал: 911 се наѕира во спортската лимузина

Дизајнот учествува многу повеќе во фасцинацијата од Panamera отколку во претходната генерација. Голем дел од тоа се должи на препознатливите дизајнерски елементи на 911. Но, има и сопствени белези.

Карактерот на Panamera се прикажува многу поверно во втората генерација на спортската лимузина. Појдовна основа за тоа се пропорциите коишто оддаваат поголема динамика. Новата Panamera е долга 5.049 милиметри (+34 mm), широка 1.937 милиметри (+6 mm) и висина 1.423 милиметри (+5 mm). И покрај незначителниот пораст во висина, лимузината оддава впечаток како да е многу подолга и пониска. За тоа најмногу придонесуваат 20 милиметри што се одземени од висината во задниот дел од каросеријата. Притоа е задржана висината на просторот за глава за патниците на задната клупа.

Меѓуоскиното растојание порасна за 30 милиметри, на 2.950 милиметри. Тоа исто така придонесува за издолжените пропорции. Предните тркала се поместени уште понапред, со што е намален предниот каросериски превис, а во исто време е зголемена „престижната мерка“, односно растојанието меѓу предниот столб и предната оска. Со снижувањето на линијата на покривот, пак, задниот дел изгледа подолг и помоќен.

Новите мотори со покомпактна изведба придонесуваат за нискиот нос

Panamera порасна само шест милиметри во ширина, но изгледа како да е многу поширока. Овој ефект е најизразен кај Turbo, чиишто странични отвори за воздух визуелно се шират нанадвор. Во исто време, ефектот го нагласува прецизно изведената пречка во самите отвори. Хаубата изгледа како да е поиздолжена нанапред и се спушта пониско, за што придонесуваат надолжните рабови кои строго го прекинуваат испакнатиот средишен дел од хаубата и досегаат до самиот браник.

Преден полупрофил на Porsche Panamera Turbo

Porsche Panamera Turbo

Преден полупрофил на Porsche Panamera 4S / 4S Diesel

Porsche Panamera 4S

Новите мотори со покомпактна конструкција овозможуваат хаубата да се спушта пониско. Странично од испакнатиот дел од хаубата следуваат влабнувањата, кои потоа елегантно преоѓаат во моќните контури на крилата, како традиционален заштитен знак на дизајнот на Porsche. Диодните светла со карактеристичните дневни светла со диодна техника внесуваат сувереност во визуелниот настап на новата Panamera. Овие светла се достапни во дури три различни изведби.

„Flyline“ сега е јасно забележлив во страничната силуета

Страниците на каросеријата се изработени од алуминиум, исто како хаубата, задниот капак, покривот и крилата и со динамичната линија на покривот многу посилно ја прикажуваат силуетата на спортско купе. Оваа линија на покривот завршува во каризматичната „Flyline“, во линијата што е препознатлива за секоја генерација на 911.

Двата прецизно изведени рабови долж страничната линија на покривот го спушта оптичкото тежиште на силуетата. Нова е и графиката на страничните прозорци, којашто во задниот дел намерно го следи стилот на Porsche 911. Тридимензионалноста е главната карактеристика на вратите и крилата. Конвексните и конкавните форми ја користат светлината што паѓа врз нив за произведување на впечаток на мускулна затегнатост во површината на каросеријата. Интегрален дел од дизајнот во ова подрачје се отворите за воздух зад предните крила. Panamera Turbo стандардно доаѓа со бандажи од 20 инчи, а опционално 21 инчи, додека бандажи од 19 инчи следуваат кај 4S и 4S Diesel.

Заден полупрофил на Porsche Panamera Turbo

porsche panamera turbo zaden poluprofil

Заден полупрофил на Porsche Panamera 4S / 4S Diesel

Porsche Panamera 4S

Од задна перспектива се забележува најјасно дека Panamera е купе со четири врати, а не конвенционална лимузина. Покривот, столбовите и прозорците се соединуваат во моќниот и широк опаш. Тоа е белег на Panamera, „наследен“ од спортските купеа на Porsche. Највпечатлив дел во задниот дел од спортската лимузина сепак се тридимензионалните задни светла со диодна техника и интегрирани сопирачки светла со четири точки. Задните светла се споени со тесна лента од светлечки диоди. Сите овие елементи заедно формираат дизајн што лесно се препознава ноќе.

Дводелен заден спојлер кај Panamera Turbo заради поголема површина

Со задниот капак стандардно се ракува со помош на електромотори, а во него е сокриен задниот сполер, кој сега е лакиран во бојата на каросеријата и излегува автоматски. Овој спојлер е дводелен кај Panamera Turbo и се шири при отворањето, за на тој начин да се добие уште поголема површина.

Опашот долу завршува со дифузор, со интегрирани двојни издувни цевки од благороден челик. Panamera 4S и 4S Diesel располагаат со тркалезни издувни цевки, додека истите кај Panamera Turbo се во форма на трапез.

[FAG id=24967]

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Неколку совети за безбедно возење ноќе

Автопилотот на Tesla ја зеде и првата човечка жртва