Повеќе од една третина од незгодите со кобни последици на европските патишта се случуваат ноќе. Покрај тоа, возењето при замор е исто како под дејство на половина промил алкохол.
Периодот на летните одмори е времето во годината кога патиштата се најмногу оптоварени и голем број возачи се решаваат да возат ноќе, заради пониските температури или заради максимално искористување на секој ден од годишниот одмор. Сообраќајот обично проретчува откако ќе се стемни, но во исто време расте и опасноста од незгода, поради намалената видливост и заморот. Според европските безбедносни статистики, 37% од незгодите со кобни последици се случуваат ноќе. Имајќи го тоа во предвид, неопходно е да се внимава на следниве неколку совети за побезбедно возење ноќе:
Приспособете ја брзината за да можете да запрете во досегот на светлата. Препорачливо е да возите побавно отколку што вообичаено би возеле дење. Најбезбедно е брзината на возење со соборени светла да се одржува на околу 90 километри на час.
Одржувајте безбедно растојание од возилото напред, оставајќи време за реакција од најмалку три секунди.
Препознавајте ги раните знаци на замор: Очните капаци стануваат тешки, чувствувате потешкотии при следењето на лентата или не можете да се сетите на последниот километар што сте го извозеле. Заморот влијае врз рефлексите исто како да возите под влијание на 0,5 промил алкохол во крвта. При првите знаци на замор е важно да запрете и да одморите или кусо да задремете, се додека не почувствувате дека можете безбедно да го продолжите патувањето. Некои возила поседуваат сензори за препознавање замор кај возачот и прикажуваат предупредување во таблата со инструменти.
90% од информациите што се потребни за возење се процесираат од сетилото за вид и со намалувањето на визуелната перцепција ноќе потребно е подолго време да се распознаат пешаците, животните или сообраќајните знаци. Возачите на автомобили со диодни светла се во предност при возење ноќе, затоа што диодните светла произведуваат поквалитетна светлина од обичните халогени светилки, којашто е поблиску до спектарот на дневната светлина, со што значително се подобрува видливоста.
Голема помош при ноќното возење е автоматското долго светло кое што честопати се нуди како опција кај поновите генерации возила. Во тој случај, долгото светло е вклучено секогаш кога тоа го дозволуваат условите на патот, односно се додека сензорите не регистрираат возило напред или возило што наидува отспротива, по што автоматски префрлуваат на соборено светло, за да се спречи заслепување на останатите учесници во сообраќајот.
При обилен дожд и при услови на намалена видливост, секогаш возете со соборено светло место со долго светло, затоа што во спротивно пресилната светлина се одбива и го замаглува видното поле на возачот.
Со следење на овие совети, Ви посакуваме безбедно и сигурно да стигнете до своето одредиште.






















