Над 150.000 примероци се продадоа од спортската лимузина на Porsche од 2009 година. Сега е редот на втората генерација на Panamera, со дизајн поблизок до 911 и со мотори до 550 КС.
Porsche Panamera продолжува да ги спојува двата различни автомобилски света и во втората генерација: Перформанси на спортски автомобил и комфор на луксузна лимузина. Секој детал на Panamera е преработен, почнувајќи од новата генерација мотори и менувачи, преку доведување на подвозјето до совршенство, до футуристичкиот концепт на ракување и прикажување на информациите во кокпитот.
Инженерите применија неколку технички трикови, како управување на задната оска, активно спречување на навалувањето на каросеријата и трикоморна пневматска амортизација, со цел спојот меѓу спортски возни својства и лимузински комфор да се доведе до следното ниво.
Дизајнерските белези на иконата 911 се повпечатливи во новата Panamera
Овој единствен спој на Panamera сега е воочлив и во новиот дизајн. Спортската лимузина и натаму се препознава како Panamera, но во исто време повеќе се распознаваат и традиционалните детали од дизајнот на иконскиот 911. Каросеријата прикажува издолжени и динамични пропорции, испакнати крила, атлетски форми во страниците, сето тоа крунисано со линија на покривот којашто во делот над задната клупа е за 20 милиметри пониска во споредба со претходикот. Оваа линија што традиционалистите ја познаваат како „Flyline“ претставува највпечатлива стилска врска со дизајнот на Porsche 911.
Изобилство од функции и олеснето ракување во Porsche Advanced Cockpit
Во типичниот дизајн на Porsche е внесена футуристичка нота во новата Panamera. Интерактивните дисплеи и „блек-панелите“ го пренесуваат јасното и едноставно ракување од светот на паметните телефони во светот на автомобилите. Значително е смален бројот на прекинувачи и класични инструменти. Место тоа, во новиот Porsche Advanced Cockpit доминираат панели што реагираат на допир и дисплеи што се конфигурираат по желба.
Тоа носи предности за возачот, совозачот и за патниците на задната клупа. Иако е значително збогатен бројот на системи за комунинација, за комфор и за асистенција при возењето, користењето и ракувањето со различните функции е попрегледно и појасно. Традиционалните вредности сепак не се забораваат. Централното место во инструмент таблата и натаму му припаѓа на аналогниот бројач на вртежи, што е традиција уште од Porsche 356 A од 1955 година.
Нови битурбо мотори V6 и V8 со зголемена моќност и сонорен звук
Карактеристично за моторите на Porsche отсекогаш било тоа што и покрај големата моќност, нивната потрошувачка на гориво се движи во разумни граници при секојдневното возење. Ова основно начело при развојот на моторите е почитувано и во новата генерација. Сите погонски единици се посилни, но и поштедливи и со почиста емисија. На стартот од продажбата ќе стојат на располагање три нови битурбо мотори со директно впрскување: Во Panamera Turbo, во Panamera 4S и во Panamera 4S Diesel.
Сите мотори, а за првпат и дизелот, стандардно ја испорачуваат моќта до сите тркала и во комбинација со нов осумстепен менувач со двојна спојка. Битурбо V8 со 550 КС работи во Panamera Turbo, шестцилиндарец во V со 440 КС се наоѓа во Panamera 4S, додека во Panamera 4S Diesel работи дизел V8 со 422 КС и вртежен момент од 850 њутнметри.
Луксузна лимузина што се снаоѓа добро и на тркачка патека
Верно на целиот концепт на новата Panamera, подвозјето исто така спојува патен комфор на луксузна лимузина со перформанси на вистински спортски автомобил. Освен основната конструкција на Panamera, за тоа се грижат иновативни системи, како приспособлива пневматска суспензија со трикоморна технологија, заедно со електронска контрола на работата на амортизацијата (PASM), усовршена контрола на подвозјето (PDCC Sport) со варијабилна распределба на вртежниот момент во свијоци (PTV Plus) и активно спречување на навалувањето на каросеријата. Сето тоа е крунусано со ново електромеханичко управување.
Интегрираната регулација на подвозјето во 4D-Chassis-Control ги анализира и синхронизира сите системи во подвозјето и ги оптимизира возните својства на новата Panamera. Како новитет пристига и управување на задната оска, адаптирано од 918 Spyder и 911 Turbo, со коешто Panamera добива уште поголема прецизност во управување и управливост на вистински спортски автомобил. Сопирачките исто така работат поефикасно во новата генерација на германскиот „Gran Turismo“.
Системи за асистенција од следната генерација
Panamera располага со изобилство системи за асистенција, од кои дел следуваат како стандард, со цел возењето да биде покомфорно и побезбедно. Меѓу најважните нови системи е таканаречениот асистент за ноќно гледање. Тој користи термо-камера, којашто детектира пешаци и покрупни животни на патот и ги прикажува како предупредување на дисплејот. Доколку се изберат новите матрични диодни светла со 84 светлечки елементи, пешаците на патот се осветлуваат на кусо уште додека се далеку од досегот на собореното светло, за на тој начин возачот да може побрзо да реагира.
Исто толку иновативен е Porsche InnoDrive со радарски темпомат. Врз основа на податоците од системот за навигација и информациите од радарите и видео сензорите, за следните три километри пат се прикажуваат оптималните вредности за забрзување и забавување, а во исто време се пресметуваат и оптималниот степен на пренос и возењето по инерција, со автоматско префрлување на менувачот во неутрална положба. Овој електронски копилот ги зема во предвид свијоците, нагорнините и дозволените брзини.
Porsche стартува веднаш со нарачки за новата Panamera, а испорачките ќе следуваат од 5-ти ноември. Цената во Германија, со вклучен ДДВ, изнесува 113.027 евра за Panamera 4S, за Panamera 4S Diesel се потребни 116.954 евра, додека топ-моделот Turbo се цени на 153.011 евра.
[FAG id=24967]