Дизајнерите на Toyota добија голема слобода при работата на новиот C-HR. Тоа резутираше со изглед што ќе го двои кросоверот во конкуренцијата. Но, Toyota секако дека има уште еден адут. Хибридниот погон.
Јапонците за првпат ја прикажуваат внатрешноста на новиот кросовер C-HR. Со име што е кратенка од „Coupe High-Rider“, новакот внесува динамична нота во моделската гама на Toyota. Идниот конкурент на Nissan Juke се појави како концептен автомобил на последните салони во Париз и Франкфурт. Формата на серискиот модел не отстапува од радикалниот стил на „високојавачкото купе“.
Со должина од 4,36 метри, ширина од 1,8 метар и висина од 1,55 метар, сериската верзија на C-HR останува верна на концептниот автомобил, исто како и со меѓуоскиното растојание од 2,64 метар. Нарачките ќе стартуваат во септември. Планот е годишната продажба да достигне над 100.000 примероци.
Внатрешноста на кросоверот досега остануваше во сенка на впечатливиот дизајн на каросеријата. Сега Toyota за првпат го открива и ентериерот на сериската верзија на C-HR. Дизајнот се води според концептот „Sensual Tech“ и според јапонската марка соединува високотехнолошка функционалност и современ стил, чувство на просторност во кабината и едноставно ракување за возачот.
Дисплејот од осум инчи доминира во кокпитот на кросоверот на Toyota
Главното место во кокпитот му припаѓа на дисплејот од осум инчи со ракување со допир, кој заедно со контролите за климатизацијата е вграден во еден вид угоре „превртена“ средишна конзола. Големиот дисплеј не е вграден во арматурната табла, туку е поставен врз неа, со што на ергономите им се отвори можност долниот раб од таблата да го приближат до возачот и на тој начин дополнително да го олеснат ракувањето.
Предните седишта се изведени „двозонски“, односно се спортски тесни во горната половина и солидно обложени во долната половина, заради подобра поддршка на телото во свијоци. Оваа дводелна изведба е нагласена и визуелно, со различни бои, текстури и мустри за секоја половина.
Живоста во кокпитот е постигната со елементи лакирани во сјаен црн лак, во комбинација со делови во мат сребрена боја. Синото заднинско осветлување на инструментите се пренесува и на сите останати светлечки елементи во кокпитот, кои создаваат различни рефлексии во зависност од материјалот околу нив, така што според дизајнерите на Toyota се постигнува единствено чувство во кабината.
Хибридниот погон е вториот силен адут на C-HR, покрај дизајнот
Сината боја не е избрана случајно. Тоа е бојата што го симболизира електрицитетот, а со тоа и хибридниот погон. Моделот што ценовно ќе се позиционира меѓу Auris и RAV4 ќе вози со нова генерација на хибридниот погон, со 122 КС и потрошувачка од 3,7 литри бензин на сто километри. Со модификациите во бензинскиот мотор, инженерите на Toyota успеаја да постигна рекордно висок степен на термичка ефикасност од 40 проценти. Покрај тоа, сите компоненти од хибридниот погон се олеснети и со смалени димензии, а со тоа се спушта и тежиштето на возилото.
„Втор“ избор во погонската понуда на C-HR ќе биде 1,2-литарскиот турбо бензинец со 116 КС и вртежен момент од 185 њутнметри, во комбинација со шестстепен мануелен менувач или со безстепен автоматски менувач. Нормираната потрошувачка за оваа моделска изведба ќе изнесува 5,7 литри. За обете моделски изведби ќе постои можност за избор на преден погон или погон на сите тркала.
[FAG id=24958]


















