за

Porsche 911 повторно ја полни касата на спортската марка

Добивката на Porsche во првите девет месеци пораснала за 41 проценти, благодарение на добрата продажба на 911, како и на поволниот девизен курс.

Додека продажбата на сите модели на Porsche во периодот од јануари до септември се зголемила за 2 проценти, продажбата само на матичниот модел на марката, купето и кабриолетот 911, се зголемила за девет проценти.

Оперативната добивка на Porsche се зголеми за 41 процент во првите девет месеци, во споредба со истиот период лани, и достигна 5,05 милијарди евра. Трендот се должи на поволните ефекти од девизните курсеви, како и солидната продажба на моделот 911, којшто практично е основа на германската спортска марка.

Испораките на Porsche во првите три квартали постигнале раст од 2 проценти, со вкупно 221.512 возила. Во истиот период, продажбата на Porsche 911, во којшто уште нема зафатено електрификацијата и моделот му носи најголем профит на Штутгарт, пораснала за 9 проценти.

Компанијата не ги коригира предвидувањата за вкупната продажба што ќе ја постигне до завршетокот на годинава, затоа што се очекува дека последниот квартал ќе донесе уште поголеми предизвици.

„Во овие непредвидливи и тешки пазарни услови, покажавме дека сме способни да работиме профитабилно, што главно се темели врз дисциплинираното трошење и привлечната понуда од модели“, изјави директорот за финансии Луц Мешке.

Производителите на автомобили се соочуваат со предизвици, за да спречат наглата инфлација и зголемувањето на влезните трошоци да влијаат врз продажбата, меѓутоа се покажа дека пазарната побарувачка досега е мошне отпорна на тие влијанија, што важи посебно за скапите марки.

Од Mercedes-Benz неделава изјавија дека очекуваат големата побарувачка за најскапите модели што ги имаат во понуда, да ја зашити компанијата од влошувањето на глобалната економија.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Automedia.mk (@automedia.mk)

Volkswagen Group не ја исполни очекуваната добивка, поради проблемите со синџирот од добавувачи, додека Ford ги спушти предвидувањата за добивката годинава, повикувајќи се на недостигот од компоненти и повисоките плаќања што доспеваат од добавувачите.

Вредноста на акциите на Porsche на берзата во Франкфурт се намали за 3,8 проценти. Компанијата во минатиот месец стартуваше на берзата, во најголемата јавна понуда во Европа во последната деценија.

Porsche стана највреден производител на автомобили откако неговата пазарна капитализација во почетокот на месецот ја надмина вредноста на Volkswagen, само една недела по јавната понуда на берзата во Франкфурт.

Во поглед на електрификацијата на својата понуда од модели, Porsche напредува далеку повеќе во споредба со конкурентските Ferrari и Aston Martin. Електричната спортска лимузина Taycan лани се продаде во повеќе примероци од матичниот 911. Во меѓувреме, Штутгарт подготвува целосно електрична изведба од својот Macan, чијшто испораки ќе стартуваат во 2024 година.

Ирина Каук е новата директорка на Porsche за Централна и Источна Европа

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Alfa Romeo Giulia и Stelvio со светла по пример на Tonale

Увозникот М Кар испорача ексклузивен BMW M4 CSL