за

Увозникот М Кар испорача ексклузивен BMW M4 CSL

M4 CSL го вози големиот круг на Нирбургринг побрзо од кој било друг сериски модел што BMW го има произведено досега.

BMW M GmbH ја одбележува 50-годишнината со специјални изведби. Тоа што посебно им значи на фановите, секако е M4 CSL, што во реалноста е тркачка машина, на којашто ѝ се извршени неколку зафати, колку автомобилот да може да добие регистерска таблица.

Многу бодови за увозникот на BMW за Македонија, М Кар, за тоа што успеа да обезбеди примерок од серијата што ширум светот ќе биде дистрибуирана во само 1.000 примероци. BMW M4 CSL, еден од главните протагонисти во јубијелот на M GmbH, кусо беше изложен во салонот во Скопје, колку камерите да може да го овековечат моментот.

Моќ во комбинација со најниска тежина што може да се постигне. Тоа е суштината на BMW M4 CSL. Задната клупа е отстранета, подвозјето е изведено и дотерано посебно, бројни детали од опремата се својствени само за овј модел. Во основата, М4 CSL е развиван како тркачки автомобил за тркачка патека – и, победува. Патеката долга 20,832 km, прочуената Нордшлајфе на Нирбургинг, најтешката патека во светот, CSL на денешницата ја вози за 7:20,207 минути. Според старата конфигурација на патеката, без делницата T13, за којашто уште важат бројни рекорди, М4 CSL ја вози Нордшлајфе за 7:15,677 минути. Спринтот до темпо сто трае 3,7 секунди, спринтот до темпо дветте трае 10,7 секунди. Крајната брзина е ограничена електронски – на 307 km/h.

„Competition, Sport, Leichtbau“: Долга традиција на модели на BMW развиени под овие начела

Кратенката CSL означува „Competition, Sport, Leichtbau“ – германскиот збор значи „лесна конструкција“ Легендарниот модел е BMW 3.0 CSL, што во 1973 година без каква било неизвесност победи во европското првенство со туристички возила. На BMW M4 CSL директно му претходат BMW M3 CSL од 2003 година и BMW M4 GTS од 2016 година. Производството во Динголфинг започна во јули, вкупно ќе се изработат 1.000 примероци.

Тежината според DIN-стандардот е 1.625 kg, што дава специфична моќност од 2,94 kg по КС (4,01 kg/kW). Тоа е мајсторијата на инженерите на BMW M GmbH.

Со карбонските школкасти седишта се заштедуваат 24 kg, во споредба со BMW M4 Competition Coupé. Следни 21 kg се губат со отсуството на задната клупа и ремените. Уште 21 kg се топат во подвозјето, главно со M карбон-керамичките сопиралки, како и со специјалните тркала, пружини и рамења. Зафатите во изолацијата заштедуваат 15 kg. Со користењето карбон, тежината се намалува за 11 kg. Покривот, хаубата и задниот поклопец се изработени од карбон. Средишната конзола исто така е од екслузивниот материјал. Титанот во легурата за издувот скусува 4 kg. Уште четири килограми се заштедуваат со зафати во делот на бубрезте, задните светла, патосниците и клима-уредот.

Ексклузивна боја, посебни дизајнерски детали

Каросеријата стандардно се лакира во ексклузивната варијанта Frozen Brooklyn Grey metallic. Со видливите површини од карбон и црвените акценти, веднаш станува јасно за кој модел се работи. По желба, CSL може да биде лакиран во бела уни-боја или во сафирно црна металик боја, како кај салонскиов примерок.

BMW Laserlicht: Жолти предни светла и специјални задни светла

Уште една посебност се BMW Laserlicht, коишто се вградуваат по нарачка. По отклучувањето, светлата се вклучуваат во жолта боја, во знак на успешните болиди во GT-првенствата. За задните светла се користи пионерска технологија. Покривното стакло е превлечено со најтенки можни светлосни влакна. Ласер ги осветлува овие влакна и тоа дава посебен ефект.

Мотор со карактер на тркачка машина

Срцето на BMW M4 CSL го користи истиот мотор со технологија M TwinPower Turbo и со принцип на високи вртежи, што се користи во тркачкиот болид BMW M4 GT3. Максималниот притисок на натполнење на двата моно-скрол турбополначи е зголемен од 1,7 на 2,1 бар. Со тоа доаѓа и комплетно сменета елеткроника. Максимален вртежен момент од 650 Nm се сервира во подрачејто меѓу 2.750 и 5.950 min-1. Максималната моќност изнесува 405 kW/550 КС, при 6.250 min-1.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Sourkrauts.de (@sourkrauts)

Моторот е конструиран со цел да издржи највисоко оптоварување. Посебност е основата на главата на моторот што се изработува со 3D-печатење. За тркачка патека се приспособени подмачкувањето и ладењето. Секако дека и звукот е посебност на BMW M4 CSL.

Погонот е на задните тркала, преносот е 8-степен M Steptronic со Drivelogic. Држачите на моторот и на менувачот се посебни за CSL, затоа што и тие како делови учествуваат во директното пренесување на командите.

Силен впечаток остава лостот меѓу предните амортизери, за зацврстување на кошот. Тука најверно се огледува вниманието за M4 CSL да биде колку може полесен. Необичната форма на делот од алуминумски лив е пресметана според нумерички модели, точно според силите што дејствуваат врз лостот во најразлични ситуации во возењето. Тоа значи, нема ниту грам вишок, буквално.

Нагибот на тркалата, амортизерите, дополнителните пружини и стабилизаторите се посебни за CSL. Каросеријата лежи 8 mm пониско во споредба со BMW M4 Competition Coupé. Адаптивно M подвозје и електронски регулирани амортизери, електромеханичко сервоуправување M Servotronic со варијабилен пренос и M карбон-керамика сопирачки се стандард.

M Traction Control оптимиран за тркачка патека

Стандардниот M Traction Control е дотеран посебно за моделот. На сува подлога се дозволува контролирано лизгање, во степените 1 до 5. Степените 6 до 10 се проектирани според апликацијата за тркачките машини во првенството со туристички автомобили, земајќи ги предвид грубоста на асфалтот, температурата на гумите, со цел да се постигнат врвна тракција и стабилност.

Кованите М-тркала имаат пречник од 19 инчи напред и 20 инчи назад, а на нив се навлечени специјални гуми за М4 CLS, со димензија 275/35 ZR19, односно 285/30 ZR20.

Цената: 209.490 евра, наспроти 110.000 евра за „обичен“ M4.

Најбрзиот багажник од кубик и пол во светот: BMW M3 Touring

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Porsche 911 повторно ја полни касата на спортската марка

Jeep Renegade: Кога градски автомобил е мал, а компакт е слаб