Porsche на салонот во Лос Анџелес го претстави тркачкиот Cayman GT4 Clubsport, кој од следната година ќе стартува на GT4 SRO, на куповите во GT3 во САД и Канада, како и во останатите клупски серии.
Понудата од тркачки автомобили на Porsche од есенва се збогатува со Cayman GT4 Clubsport. Исто како стандардната изведба на моделот, GT4 располага со 3,8-литарскиот боксер од сега „стариот“ 911, со 385 КС, но за разлика од него, дозволено му е да се појавува само на тркачките патеки.

Промените во погонската спрега се однесуваат првенствено на шестстепениот менувач со двојна спојка и команди зад волан, како и на механичката блокада на задниот диференцијал за тркачки услови. Предната оска потекнува од поголемиот брат 911 GT3 Cup, кој веќе учествува во 20 купови на марката низ светот. Назад се користи зајакната оска со попречни водилки од 911 GT3 Cup. На обете оски се користат челични сопирачки дискови од 38 сантиметри, со шестклипни алуминиумски клешти напред и четири клипови во задните клешти. Системот против блокирање на тркалата се мести во 12 степени, а контролата на стабилноста е модифицирана за слик-гуми. Сервоуправувањето работи електромеханички.
Со 1.300 килограми, вклучувајќи ролбар, тркачка школка и ремени со 6 точки, Cayman GT4 Clubsport е „лесна категорија“. Место стандардниот резервоар со 90 литри може да се нарачаат верзии со 70 или 100 литри. Кованите бандажи со пет отвори имаат пречник од 18 инчи, со гуми 25/64-18 напред и 27/68-18 назад.
Над 500 приватни тимови се натпреваруваат во куповите на Porsche низ светот
Тркачкиот модел чини 111.000 евра на излез од фабрика. Од следната година Cayman GT4 Clubsport ќе се натпреварува во шампионатот на долги релации на Нирбургинг, во сериите GT4 од SRO, во американскиот Pirelli GT3 Cup Trophy, канадскиот Ultra 94 GT3 Cup Challenge, во клупските трки на клубот на Porsche во САД, како и голем број други клупски натпревари низ светот.
















