Porsche Cayman со четирицилиндарски мотор доаѓа во 2016 година

Најголемиот новитет во фејслифтот на Cayman е под хаубата: Турбо-боксер со четири цилиндри и 300 КС

Спортската марка од Штутгарт подготвува фејслифт за купето Cayman за почетокот на 2016 година. За прв пат во оваа моделска серија ќе се вградуваат мотори со четири цилиндри.

За средината од моделскиот век на актуелниот Cayman се подготвува оптичко и техничко освежување. Според фотографиите на „карпараците“, фејслифтот ќе донесе нов изглед на предните и задните светла, редизајнирани браници и нова форма на ретровизорите. Најголемата промена ќе се случи под хаубата, каде што за прв пат во оваа моделска серија ќе се вградуваат мотори со четири цилиндри место актуелните шестцилиндарци. Традиционалистите можат да бидат задоволни со тоа што моторот и натаму ќе биде со боксер-конструкција. Претходно се планираше компактниот и низок мотор со четири цилиндри да почне да се вградува дури со следната генерација на Cayman, но стратезите решија дека сепак е подобро тој да стартува веќе во актуелниот модел.

Станува збор за дволитарски мотор со четири цилиндри, по два од секоја страна на коленастото вратило, со турбонатполнење и моќност од околу 300 КС. Актуелниот шестцилиндарски боксер во Porsche Cayman поседува работна зафатнина од 2,7 литри и постигнува моќност од 265 КС. Новиот боксер ќе се нуди и во верзија со моќност до 350 КС, којашто ќе го замени 3,4-литарскиот шестцилиндарец во Cayman GTS. Швабите ќе ја одбранат честа на моделот со воведување на уште посилна моделска изведба, на Cayman GT4, со 3,6-литарски шестцилиндарец со моќност од 360 КС.

Претходна објаваRenault Twingo ќе го преземе водството од Fiat 500
Следна објаваTesla Model S со погон на сите тркала и 700 КС

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here