Во Porsche денес сé е беспрекорно. Темелот на германската спортска марка, 911, се продава одлично, а уште подобро се продаваат СУВ-моделите и лимузините. На тоа се надоврзува и големиот интерес за електричниот Taycan. Но, не беше така пред три децении.
Porsche во 1991 година продаде само 23.000 автомобили. Проблем беше и квалитетот на возилата. Моделите беа застарени, останати од златните времиња на марката. Остана само еден џокер, со голема неизвесност околу неговиот успех. На салонот во Детроит беше означен стартот на Boxster. На штандот се најде сребрен прототип на спортски автомобил со средишен мотор и две седишта.
Новиот шеф на марката, Венделин Видекинг, заедно со главниот дизајнер Харм Лагај, го најавија враќањето на Porsche кон своите корени. Автомобилот на штандот во Детроит беше претставен како наследник на 550 Spyder на Џејмс Дин и на тркачкиот автомобил 718 RS 60 Spyder. Германците постигнаа вистински погодок со овој автомобил, Американците беа одушевени. Луѓето бараа Porsche да почне да го произведува автомобилот.
Видекинг вложи сé во родстерот. Boxster беше мал, лесно подвижен, создаден за уживање во возење. Во тоа време владееше моќен тренд за такви автомобили, но за тој тренд беа заслужни другите производители. Тоа беше времето на Mazda MX-5, BMW Z3 и Mercedes SLK. По три години од претставувањето на прототипот, Porsche на салонот во Женева го прикажа Boxster, со интерна ознака 986.
Во рекламите се нагласуваше разликата со 911. Пораката во рекламите гласеше: „Пред да се вљубите во ќерката, подобро погледнете ја мајката.“ Цената на моделот на германскиот пазар изнесуваше 76.500 тогашни германски марки. И покрај високата цена, Boxster наиде на одличен интерес. Нарачките ги надминаа очекувањата.
Последниот џокер на Porsche победи и го спаси Porsche. Од првата генерација на моделот се продадоа 164.874 примероци. Следните генерации не ја достигнаа таа бројка. До 2019 година, Boxster се продаде во вкупно 343.942 примероци.
















