за

Porsche 911 Targa 4S изложен во салонот на Порше Македонија

Porsche 911 Targa

Топ-моделот од каросериската изведба Targa на новиот Porsche 911 го привлекува вниманието на посетителите во салонот на Порше Македонија. Посебен спектакл е отворањето на покривот на оваа традиционална каросериска изведба.

Порше Македонија ексклузивно го обезбеди врвниот модел од каросериската изведба Targa во гамата на новиот Porsche 911, уште пред да започне испораката на моделот за пазарите во ЕУ. Во верзијата со значајната додавка 4S, ова купе со провев како кабриолет или кабриолет со комоција на купе располага со новиот шестцилиндарски боксер од 3,0 литри со битурбо натполнење и моќност од 420 КС, што е за 20 КС повеќе отколку во претходната верзија со 3,8 литарски атмосферски боксер.

Porsche 911 Targa - 1Во верзијата како изложениот модел, со опционален седумстепен менувач со двојна спојка и пакет Sport Chrono, новиот 911 Targa 4S забрзува до сто за точно 4,0 секунди или 0,3 секунди побрзо отколку во претходната изведба на моделот. Четворката во ознаката се однесува на погонот на сите тркала, когошто според статистиката на Porsche го нарачува секој трет купувач на 911.

Светската публика можеше премиерно да го види на фејслифтот на Porsche 911 Targa 4S пред само еден месец на салонот во Лос Анџелес. Новите турбомотори нудат поголема моќност при намалена потрошувачка, додека погонот на сите тркала – отсега со електрохидраулична контрола како кај Porsche 911 Turbo – уште повеќе е ориентиран на динамика и безбедност во сите услови на патот. Стандардно во новата изведба на моделот се нуди приспособливо подвозје PASM, со коешто каросеријата се спушта за 10 милиметри. Со доплата е достапно и управување на задната оска, за уште поголема агилност на „единаесетката“. Покрај тоа, стандардно се вградува и системот за комуникација PCM со поедноставено ракување и дисплеј на допир.

Porsche  911 Targa

Верзијата со погон на сите тркала дополнително се разликува по светлечката лента меѓу задните светла, којашто сега оддава впечаток на поголема длабина и дополнително ја нагласува карактеристичната ширина на опашот, поголема за 44 милиметри во споредба со верзијата со заден погон. Препознатливи за Targa се широкиот средишен столб и комплетно застаклениот заден дел од кабината, без задни столбови. Вистински спектакл се случува откако ќе се притисне копчето, по што електромоторите го подигнуваат задното стакло, за под него да се смести покривот.

Porsche 911 Targa - 3Во комбинација со опционалниот пакет Sport Chrono, новите единаесетки добија посебен прекинувач во воланот, по пример на хибридниот суперспортски модел 918 Spyder. Прекинувачот се состои од вртлив прстен со четири позиции – нормална, спортска, спортска плус и индивидуална. Секоја од овие позиции влијае различно врз активното подвозје, активните лежишта на моторот, работата на менувачот и врз спортскиот издув. Со менувачот со двојна спојка следува уште едно екстра: Копче Sport-Response, коешто во времетраење од 20 секунди ја подготвува погонската спрега за максимално забрзување, на пример при престигнување.

Според германскиот ценовник, Porsche 911 во верзијата Targa 4S чини 131.234 евра, а испораките ќе стартуваат дури кон крајот на јануари 2016.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Ford Focus со нова верзија „Sport“ и со ексклузивна комбинација од бои

Honda доби дозвола за летање: 25 авиони HondaJet чекаат за испорака