Ford отсега нуди пет нивоа на опрема во гамата на Focus. Новото ниво Sport е достапно за комбилимузината и комбито Turnier, со двобојна каросерија и изглед во согласност со името.
Ford воведе уште едно, петто ниво на опрема во гамата на компактниот модел Focus. Нивото Sport се испорачува за комбилимузинската изведба со пет врати и за комбито Turnier, и повеќе е од препознатливо по двете комбинации од бои во коишто се испорачува. Focus Sport може да биде тркачки-црвен со црн покрив и детали на каросеријата, и обратно, црн со црвен покрив и црвени детали. Под детали се мисли првенствено на куќиштата на ретровизорите и на предната маска со црвена или црна рамка.
Во стандардната опрема влегуваат голем заден спојлер, спортски седишта, кожа на воланот и на рачката на менувачот и на паркирната сопирачка – вклучувајќи црвена опшивка – како и педали со плочки од благороден челик. Кај Focus Turnier дополнително има црн заден дифузор. Ford Focus Sport вози на бандажи од 18 инчи во дизајн со пет двојни краци и гуми со димензија 235/40.
Од моторите се нудат два бензинци и дизели, во комбинација со шестстепен мануелен менувач и систем старт-стоп. Двата турбо бензинци од 1,5 литар имаат 150, односно 182 КС, додека дволитарскиот дизел располага со 150 КС. Со нивото Sport, производителот ја дополнува понудата под нивото ST, овозможувајќи им го спортското доживување во динамичниот Focus на поширок круг купувачи.
















