Формата на Porsche 356 се создаваше од дрво

Оригиналот денес се наоѓа во музејот на Porsche во Гмунд, основан во 1982 година од Хелмут Фајфхофер. Станува збор за скелет од јасеново дрво, којшто служеше како пример за првиот Porsche 356.

Пред 75 години, спортскиот автомобил се изработуваше рачно, во Гмунд, Австрија, каде што денес се наоѓа еден од неколкуте музеи ширум светот што се посветени на Porsche.

Кога денес ќе се погледне ова историско сведоштво, тешко е да се поверува дека поминале толку многу години. На овој „Form- und Passmodell“, што во превод од германски значи модел за земање форма и проверка на точноста, не постојат траги од времето, ниту траги од работењето со него.

Дрвениот скелет се користеше како мустра за првите примероци од 356 што излегоа од мануфактурата на Porsche во австрискиот Гмунд. Тој послужи како мустра за вкупно 52 примероци од Typ 356/2: Од нив 44 беа купеа, останатите кабриолети. Тука беа дополнително изработени каросериите за десетина примероци од изведбата Superleicht (SL, суперлесна), што дури во 1951/52 година беа доработени во тркачкото одделение во Штутгарт.

Porsche пред 75 години беше мануфактура што изработуваше по нарачка и далеку беше од сериско производство на автомобили. Челичната шасија се изработуваше релативно брзо. Но, работата на каросеријата беше мачна. Алуминиумската ламарина мораше да се обликува со чекан. Каросеријата постојано се враќаше врз дрвениот скелет, заради проверка дали се совпаѓа формата.

porsche 356 nr 1 svajcarija
Првиот вооошто изработен примерок од Porsche 356

Целата таа мачна и долготрајна постапка мораше да се повторува многупати, затоа што на крајот, вратите, хаубите, покривот и крилата мора да бидат нагодени за точно да се вклопат во „школката“.

За школката на Porsche 356 да се изработи совршено, на врвен мајстор од својот занает му беа потребни најмалку 90 часови

Потоа следеше опремувањето на внатрешноста. За да ја забрза постапката, Porsche имаше вклучено бројни работилници во изработката на школката, како Kastenhofer, Keibl и Tatra во Виена, како и Beutler во Тун, Швајцарија.

Почеток на сериското производство

Откако фирмата во 1949 година се пресели од австрискиот Гмунд, во Штутгарт, работата врз каросеријата им беше препуштена на Reutter. Тоа означи завршеток на времето кога „ламаринените-паганини“ удираа со чекан врз алуминиумска плоча, поставена врз кожени торби наполнети со песок и врз дрвени трупци, за плочата да ја доведат до вистинската форма.

Како Porsche за малку ќе станеше швајцарска марка

Мачната изработка на школката на овој начин продолжи да се применува само во мали серии од моделот. Таков е примерот со 356 America Roadster, изработен во само 16 примероци, со каросерија од алуминиум. Во почетокот и во Reutter беше изработен дрвен скелет за примероците од 356 што се изработуваа во Штутгарт. Но, тој скелет служеше само како пример за точна изработка на калапите за пресување. Оттогаш, место „уметници-мајстори“, школката ја изработуваа преси. Со тоа можеше да се премине на користење поцврста челична ламарина за школката, место алуминиумските плочи што беа меки и тешки за работа. Челикот сепак додаде неколку килограми во тежината на 356.

Со современите преси се забрза производството. Место тропкање на малите чекани, почна да се слуша тешко „штампање“ во тактот на изработката на каросеријата. Така почна сериското производство и следното поглавје во големата историја на Porsche 356.

Претходна објаваНовиот шеф планира Toyota да продаде 1,5 милион електрични автомобили во 2026
Следна објаваТјунирање електрично комбе: Соларни панели на покривот

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here