за

Тјунирање електрично комбе: Соларни панели на покривот

Тјунерската работилница ABT Sportsline, поточно нивниот огранок за електрични возила ABT e-Line, разви соларни модули за Volkswagen ID. Buzz.

Првото комби на Volkswagen и втор модел на марката, соодветно со фабричка ознака Typ 2, затоа што „бубата“ е Typ 1, се вбројува меѓу малкуте модели во историјата што имаат создадено толку широк круг обожуватели. Историјата на моделот од есеноска продолжува со електричниот ID. Buzz. Пазарот го прифати автомобилот, тјунерите реагираат.

По само неколку месеци од почетокот на продажбата, пазарот го потврдува успешното продолжение на историјата на „були“ во ерата на електромобилноста. Volkswagen ID. Buzz го пренесува духот на историскиот модел во новото време и моделот им се допаѓа на луѓето.

ABT e-Line, огранок на прочуената тјунерска работилница ABT Sportsline, се приклучува на пазарната еуфорија околу ID. Buzz и разви соларни модули за поставување врз покривот на електричното комбе. Секако дека инженерската работа не е сведена на „лепење“ обични панели врз покривот, туку предизвикот беше прифатен целосно, за да се постигне колку може повеќе од расположливата површна.

Изведбата на ID. Buzz со продолжено меѓуоскино растојание одговара повеќе за панели да се постават врз покривот, затоа што и површината на покривот е поголема во споредба со обичната изведба.

Експертите од Кемптен успеаја да развија систем, што преку соларните модули на покривот на возилото можат да ја полнат високонапонската батерија на возилото со најмногу 600W Peak. Тоа е само првиот чекор, затоа што германските тјунери јавуваат дека се работи и на проширување на површината. Кога и странично ќе се додадат сопларни панели, моќноста се зголемува на преку 1.000 вати.

Три илјади километри пат со бесплатната и неисцрпна енергија од сонцето

Тоа овозможува Volkswagen ID. Buzz да полни батерија и додека мирува, и додека вози, за на тој начин да се зголеми досегот. Делотворноста се објаснува на мошне огледен пример: Соларните панели можат да произведат толкава количина на електрична енергија, за ID. Buzz да може со неа да помине 3.000 километри на годишно ниво.

Покрај тоа што овозможува полнење на батеријата, соларниот покрив од ABT e-Line нуди и други предности. Енергијата може да се користи за потрошувачи во возилото, на пример, ако товарната изведба на ID. Buzz се опреми со разладна комора. Истото важи и за случај ако патничката изведба на електричното комбе се опреми како возило за кампување, па енергијата од сонцето ќе се користи за ладилникот или за осветлување на кабината.

Соларниот панел се очекува да биде понуден во продажба во почетокот на следната година. Исто како што е случај со ABT-Camper XNH, опремувањето на возилото се врши во Volkswagen Group Service.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Формата на Porsche 356 се создаваше од дрво

Great Wall Motor има уште еден голем новитет, пикап за престиж