за

Како Porsche за малку ќе станеше швајцарска марка

Еден од најважните автомобилски јубилеи годинава му претстои токму на Porsche. Пред 75 години возеше првиот 356, но тоа мораше да се случи во Швајцарија.

Фери Порше, човекот чиешто име денес го носи една од најценетите и највредни марки на автомобилската цена, точно знаеше што сака: „Возилото од моите соништа не можев да го најдам, затоа решив сам да си го направам“. Резултатот од тоа го знаеме.

Од желбата на Фери Порше да си направи посебен автомобил, излезе цела автомобилска марка. Историјата започна во тивкиот Гмунд во Кернтен, Австрија, а имаше големи шанси таа да продолжи засекогаш во Швајцарија.

Во 1944 година, конструкциското биро Порше, по налог на тогашниот министер за наоружување Шпер, мораше да се пресели од Штутгарт, во Гмунд во Кернтен. Таму беа помали шансите за напад од Алијансата. Но, пред Фери Порше да го конструира својот прв спортски автомобил, тој мораше да се занимава со други предизвици. По завршетокот на војната, Porsche конструираше земјоделски машини. Во исто време, Фери работеше на првите скици за возилото со фабричка интерна ознака 356 – оваа комбинација од бројки подоцна ќе стекне култен статус.

На 8-ми јуни 1948 година, Porsche Nr.1 доби одобрение како прототип и можеше да почне да вози по патиштата. Првиот автомобил имаше средишно вграден мотор, преземен од Бубата. Со вешти зафати, моќноста на моторот беше зголемена на 35 КС. Малку подоцна, моторот беше преместен назад.

Проблем беше алуминиумот, материјал што никаде не можеше да се најде во повоена Австрија. Тука почнува улогата на Швајцарија. Сојузот на швајцарските кантони располагаше со дефицитарниот материјал. Porsche во Виена доби дозвола да го увезе материјалот, но под услов да го извезе автомобилот во којшто ќе биде вграден истиот. Во тоа време, освен недостиг од „авионски“ лесен алуминум, недостигаа и девизи.

Porsche 356 Nr 1 покрај концептот Mission

New item by Automedia MK / Google Photos

Готовиот родстер првпат беше прикажан пред јавноста во 1948 година во Швајцарија, на тркачката патека Бремгартен во Берн. Сите беа одушевени од автомобилот. Во прочуениот швајцарски магазин „Automobil-Revue“ на 7-ми јуни 1948 година беше објавен тестот, во којшто анонимен автор ги опиша истите својства со коишто и денес се одликува марката. „Така всушност се замислуваат возните своства на модерен автомобил, којшто ги соединува предностите на модерните системи за водење на тркалата и нивниот добар возен комфор, со сигурен контакт со подлогата, во еден исто така модерен, лесен и управлив спортски автомобил. Иако остануваат нешта што ќе се доработат во идниот спортски автомобил, отворениот двосед, чијашто несекојдневна форма привлекува внимание каде и да се појави, навестува дека благодарение на поволниот сооднос меѓу тежината и моќноста, тој нема да служи само како возило за секојдневно користење за спортските возачи, туку претставува и идеално возило и за учество во спортски натпревари.“

Првите примероци произведени во Гмунд

New item by Automedia MK / Google Photos

Број 1 остана во Швајцарија. На младата компанија постојано ѝ недостигаа пари за развој на серискиот 356, така што историскиот автомобил му беше продаден на германски архитект во Цирих, за тогашни високи 7.500 франци. Прво што новиот сопственик направи на автомобилот, беше отстранување на натписот Porsche и замена со „Pesco“. Тоа даваше италијански призвук, а сопственикот не беше и посебно расположен да му прави реклама на Porsche додека се вози во својот автомобил.

Врската меѓу Porsche и Швајцарија се продлабочи и управата тогаш сериозно размислуваше да го пресели производството во земјата. Компанијата стапи во контакт со каросериската работилница Beutler (Бојтлер) во близина на Берн, каде што се работеше на кабриолет верзија врз база на 356. Од тоа произлегоа првите пет примероци од 356 со отворена каросерија.

Сосем логично, првиот официјален настап на новата марка беше на салонот на автомобили во Женева, во 1949 година. На штандот беа изложени купето од Гмунд (356/2-001) со храбра цена од 15.000 франци и кабриолет Beutler (356/002) со цена од 17.000 франци. Буквално колку за половина куќа.

Место да се пресели во Швајцарија, Porsche во 1949 година сепак реши да се врати во Штутгарт. Таму беа изработени првите примероци од 356 во каросериската работилница Reutter (Ројтер). Производството започна во 1950 година. Првиот германски 356 во тоа време чинеше 10.500 марки.

New item by Automedia MK / Google Photos

Во меѓувреме, Број 1 постојано ги менуваше сопствениците. Првиот сопственик ги замени сопирачките со влечна сајла, со хидраулични сопирачки, за потоа да го препродаде својот „Pesco“. Возачот на спортски автомобили Херман Шултхес го откри пра-примерокот на Porsche, му вгради нови сопирачки и 1,5-литарски мотор, за со него да учествува на тогаш омилените натпревари во слалом.

Фери Порше го гледа првиот моторен блок произведен во Цуфенхаузен

New item by Automedia MK / Google Photos

Така било пишано, шест калуѓерки во Opel Rekord, на еден алпски превој да се судрат со Porsche Nr. 1. Место да заврши во отпад, автомобилот беше однесен во каросериска работилница за да се врати во форма.

Во 1958 година, Porsche „Nr. 1“ конечно се врати дома. Двоседот денес се наоѓа во возна состојба и му припаѓа на музејот на Porsche. Автомобилот редовно се појавува на собирите на олдајмери и на ревијалните возења. Последниот сопственик го заменил за фабрички нов 356 Speedster.

Porsche 356 „Nr. 1“ на 70-годишнината на Фестивалот на брзината во Гудвуд

New item by Automedia MK / Google Photos

Леман 1951

New item by Automedia MK / Google Photos

Калаисување заради заштита од корозија

New item by Automedia MK / Google Photos

Др. Отомар Домник на фабричка свеченост го презема првиот Porsche 356

New item by Automedia MK / Google Photos

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Во Калифорнија не смеат да возат камиони постари од 13 години

Lancia Delta HF Integrale на „мистер Бин“ оди на продажба