Американската сојузна држава Калифорнија е позната по строгите норми за издувни гасови. Од почетокот на годинава е забранета уште една група возила по патиштата во богатата држава на западниот брег.
Камиони и автобуси со дизел мотор, чиишто мотори се произведени во 2010 година или порано, забранети се за сообраќај по калифорниските патишта. Во оваа категорија, тоа се релативно млади возила. Според статистиките, лани во Калифорнија само 48 проценти од сите товарни возила со дизел мотор биле произведени во 2011 година или подоцна.
Законот ги погодува само товарните возила од 4-та до 6-та класа во земјата, со дозволена вкупна тежина меѓу 14 и 26 илјади фунти, што одговара на 6,35 до 11,8 тони. Доколку товарните возила или автобуси што се опфатени во старосната граница уште возат со фабричкиот мотор, тој мора да се замени со понов.
Возилата во потешката категорија, од класите седум или осум, мора да располагаат барем со филтер за честички, што ги исполнува барањата на калифорниската агенција за животна средина CARB. Замената со понов дизел мотор важи и во оваа категорија.
Негодувања пристигаат и од производителите на камиони и од шпедитерите
Според процените на CARB, со новиот закон се погодени околу 200.000 автобиси и преку 700.000 товарни возила. Затоа не чуди тоа што американските производители на камиони и шпедитерите во и околу Калифорнија негодуваат за забраната. Недостигаат делови за коишто е обезбеден сертификат, а посебно филтри за честички. Покрај тоа, приспособувањето на возилата за новите норми е скап потфат, што важи посебно за компаниите со големи возни паркови. Од друга страна, CARB наведува дека од стапувањето на законот на сила, веќе се приспособени 1,58 милион товарни возила.
Pre-2010 Diesel Engines Banned From California Roads https://t.co/ZA7k4bc6Fb pic.twitter.com/dy81MEFlix
— Jalopnik (@Jalopnik) January 18, 2023
Постојат исклучоци. Доколку некое возило минува годишно помалку од 1.000 милји (околу 1.600 km), тоа не подлежи на новиот закон. Доколку возилото располага со филтер за честички, тогаш годишниот лимит е 15.000 милји (околу 24.000 километри), односно 20.000 милји за комунални возила. Законите се поблаги за возилата што се користат во земјоделието, како и за државни или комунални возни паркови.
Законот потекнува уште од 2008 година
Законот сепак не е толку нов. Калифорнија го изгласа законот уште во 2008 година и воведе построги ограничувања во 2014 година. Врз оваа основа, старите товарни возила се повлекуваат постепено од сообраќај уште од јануари 2015 година. Сопствениците имаат можност да вградат помодерни мотори или да додадат филтер за честички.
CARB бара и построга контрола, затоа што законите честопати се игнорираат. На старите товарни возила и автобуси мора еднаш годишно да им се провери квалитетот на издувот.
Калифорнија не ги забранува само камионите и автобусите со дизел мотор. Во сојузната држава со најмногу жители, летоска беше донесен закон, со којшто по 2035 година повеќе не смее да се продаваат патнички автомобили со мотор со внатрешно согорување. По 2026 година, производителите на автомобили мораат одреден дел (35%) од својата продукција да го покриваат со електрични или водородни автомобили. По 2030 година, тој удел треба да се зголеми на 68 проценти.