за

Зошто Volkswagen го смени главниот дизајнер

Матичната марка на концернот Volkswagen го менува главниот дизајнер. На местото на Јозеф Кабан доаѓа Андреас Миндт, претходно дизајнер во Bentley.

Продолжува вртелешката со персоналот во Волфсбург. Откако шефот на концернот, Оливер Блуме, во декември го замени главниот дизајнер одговорен за сите марки на концернот, Клаус Цикиора, со дизајнерот од Porsche, Михаел Маурер, следи замена и на главниот дизајнер на матичната марка Volkswagen.

Јозеф Кабан, досегашен прв човек на дизајнот на главната марка во концернот Volkswagen, своето место ќе му го отстапи на Андреас Миндт, кој заминува од Bentley и се враќа во Волфсбург. Volkswagen уште ја нема објавено смената, информациите доаѓаат од кругови до коишто имаат пристап некои германски медиуми. Според нив, смената ќе биде извршена веќе на 1-ви февруари.

Според изворите во концернот, смената ќе биде објавена во следните денови. Исто така е познат дизајнерот што ќе го наследи Миндт во Bentley. Неговото име е Тобијас Зилман, кој веќе работи како главен дизајнер за надворешност во Кру.

Зилман работи во Bentley од 2021 година, пред тоа бил на служба во Bugatti, Aston Martin и McLaren, а до 2017 работел близу дванаесет години во VW. Меѓу автомобилите што го носат неговиот потпис е VW Cross Blue Concept од 2013 година, којшто понатаму беше искористен за Atlas, СУВ-модел на Volkswagen наменет за пазарот во САД.

Кабан ќе добие друга надлежност во концернот

Volkswagen нема да се збогува со досегашниот главен дизајнер Кабан. Според извори во концернот, тој ќе добие друга задача во концернот. Главното прашање е, зошто Volkswagen го менува својот главен дизајнер? Како што се зборува во Волфсбург, Кабан не ги исполнил очекувањата на управата. Неговиот дизајн за малечкиот електричен модел ID.2 не поминал пред новиот шеф на марката, Томас Шефер, поради што истиот бил вратен за Кабан да го преработи. Шефер го вратил да се смени и дизајнот за идниот модел од стратешка важност Trinity.

Bentey Mulliner Batur

По смените на шефот на концернот Херберг Дис и на директорот за набавка Мурат Аксел, Кабан е третиот поранешен кадар на BMW што мора да го напушти своето работно биро во Волфсбург. Кабан уште одамна има работено за повеќе марки на концернот Volkswagen, во периодот од 2003 до 2017 година. Словакот потоа замина да работи во BMW, за во јули 2020 година да се врати во Волфсбург, како нов главен дизајнер.

Наследникот потекнува од Волфсбург

За неговиот наследник, 53-годишниот Миндт, преоѓањето во матичната марка на концернот значи и враќање во татковината. Тој е роден во Бинген на Рајна. Семејството потоа се преселува во Волфсбург, каде што неговиот татко работи како дизајнер. „Уште од раното детство имам претстава како изгледа оваа работа, затоа што мојот татко исто така беше автомобилски дизајнер“, кажуваше Миндт по неговото назначување за дизајнер во Bentley. Во 1995 година, тој се вработува како дизајнер во Volkswagen, за потоа да премине во Audi, а во 2021 година и во Bentley.

 

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

dacia bigster

Dacia вели поскапувањето на компактите е добро за марката да се развива

Во Калифорнија не смеат да возат камиони постари од 13 години