за

Dacia вели поскапувањето на компактите е добро за марката да се развива

Буџет-марката на Renault се подготвува да лансира три модели во компакт класата, како дел од планот за маржата да се качи на 15 проценти.

Dacia Bigster

Откако постигна рекордно учество на европскиот пазар во 2022 година, следен чекор на Dacia е масовно ширење на понудата од модели во компакт класата. Менаџерите веруваат дека растечките цени ќе отворат простор за нови модели, како што е СУВ-то Bigster.

Продажбата на романската марка на Renault лани достигна 573.800 возила на светскиот пазар, што одговара на раст од 6,8 проценти во споредба со 2020 година. На европскиот пазар, растот беше уште повисок, со 16 проценти. Со тоа, Dacia се вбројува меѓу марките што бележат највисок раст на европскиот пазар.

Уделот на Dacia во земјите во ЕУ достигна 4,2 проценти. Тоа е марката што пред преземањето од Renault во 1990-те години, во најголемиот дел од дотогашното постоење го базираше врз лиценцно производство на Dacia 1300, верзија на Renault 12.

Претходниот максимум беше постигнат во 2019 година, со удел од 3,7 проценти, но тогаш и глобалната продукција на марката изнесуваше околу 735.000 возила. Освен во Европа, Dacia продава и во регионот на Медитеранот, како и во Северна Африка.

„Немаме големи амбиции за географски да растеме,“ кажува Ксавиер Мартине, заменик претседател за продажба и маркетинг на Dacia. „Нашиот голем пазар за освојување е Ц-СУВ-сегментот во Европа,“

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Dacia România (@dacia_romania)

Мартине цени дека заострувањето на нормите за безбедност и загадување води кон значително поскапување во сегментот на компактните СУВ-модели. Тој вели дека таму е најголемиот потенцијал за заработка во Европа.

Новиот кросовер Jogger е компакт-модел што е конструиран врз продолжена платформа CMF-B, развиена од алијансата Renault-Nissan. Лани од моделот се продадоа 57.000 примероци.

Пред неколку години, посочува Мартине, повеќето СУВ-модели од компакт класата чинеа околу 25.000 евра, но со претстојната норма за издувни гасови Еуро 7 и со нормите за безбедност ГСР2, „ќе видите како цените се искачуваат високо над 30.000 евра, па дури и во ценовниот опсег над 40.000 евра.“

Моделите на Dacia, како Duster, електричното мини Spring и градскиот модел Sandero, се неколку илјади евра под цената на конкурентите. Dacia нуди одлична противредност, благодарение на користењето техника што долго се вградува во моделите на Renault и на евтината работна сила во фабриките во Романија и Мароко.

Иако моделите на Dacia стартуваат со мошне ниски цени, од околу 11.000 евра на некои пазари, главнината од купувачите ги избираат поопремените и поскапи изведби. Тоа придонесува марката да постигнува маржа од околу 10 проценти, како што потврди шефот Лука де Мео. Тој постави цел, маржата до 2030 година да се искачи на 15 проценти, што е споредливо со заработката што ја постигнуваат премиум марките од ковот на Mercedes-Benz, многу повисоки од маржата на матичната марка Renault.

Како што цените ќе растат, без разлика дали од строгите норми или од инфлацијата, според предвидувањата на шефот, некои купувачи на автомобили од компакт класата ќе се откажат да платат толку висока сума и ќе погледнат какви модели нуди Dacia во таа класа. Во гамата на Романците ќе пристигнат уште два нови модела во компакт класата до 2027 или 2028 година.

Два нови компакт модели во гамата на Dacia по 2025 година

Мартине не открива кои ќе бидат двата нови модели што ќе се лансираат, откако Bigster ќе стартува со продажба во 2025 година. На Bigster ќе му претходни новата генерација на Duster, којашто ќе ја користи истата платформа CMF-B како Sandero и се очекува уште во првата половина од 2024 година.

Да се одржува ценовното ниво на Dacia, додека марката во исто се репозиционира за да постигне повисок профит и да привлече повеќе купувачи во сегментот на компакт-моделите, за шефот Мартине „ќе биде посебно деликатен баланс“.

„Ние и натаму сакаме да останеме марка со најдобра противвредност, но немаме планови да имаме исти цени како останатите големоволуменски марки во Европа“, вели Мартине.

„Секој ден треба да се донесуваат одлуки“, додава шефот на Dacia. „Имавме преговори за делови што чинат 50 центи, но ако заштедиш 50 цени на илјадници автомобили, во период од неколку години, така се создава извесна сума пари“.

Dacia Sandero на македонскиот пазар се нуди само во хит-изведбата Stepway, којашто во старт е поскапа од основниот модел, но поради тоа што тој се произведува во Мароко, основниот модел подлежи на повисока царина, така што на крајот нема разлика во цената меѓу Stepway и основен Sandero. Втор најпродаван модел на европскиот пазар лани е токму Dacia Sandero. Моделот е редовно во топ 5 и на македонскиот пазар.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Од Златен волан до автомобил со најдобри врски: Сите награди на Opel во ’22

Зошто Volkswagen го смени главниот дизајнер